На списокот на Фондот за ПИОМ има 34 стогодишници

од Vladimir Zorba
661 прегледи

1.800 пензионери во Македонија примаат пензија подолго од 40 години. Податоците на Фондот за ПИОМ покажуваат дека пензијата најдолго стига на сметката на едeн жител на Скопје кој пензијата ја добива од 1963 година.

Корисникот со најдолг пензиски стаж е од Скопје со стаж од 58 години, велат за „Локално“ од Фондот за ПИОМ.

Статистиката на Фондот за ПИОМ укажува дека кога станува збор за најстарите корисници, на листата приматели на пензија има 34 стогодишници, односно луѓе кои се родени далечната 1922 година и порано. Во однос на годините од животот до кога во просек се прима старосната пензија, мажите и жените се изедначени. Според податоците на Фондот, пензија во просек се добива до навршени 70 години.

Просечна возраст на корисниците на пензија е 70,83 за мажи и 70,51 за жени, велат за локално од Фондот за ПИОМ.

ПИОМ нема податоци во однос на тоа кои категории на пензионери се најдолговечни односно дали се тоа градежните работници, администрацтивците или земјоделците но се знае дека најдолг пензиски стаж имаат вработените во полицијата и армијата.

Најдолг пензиски стаж имаат осигурениците од посебните категории (МВР, АРМ) и оние кои работат на работа каде што стажот се смета со зголемено траење (бенифициран стаж), велат за „Локално“ од Фондот за ПИОМ.

Бројките објавени на интернет страницата на фондот за ПИОМ покажуваат дека во 1990 година просечниот стаж бил 24 години а во 2004-та бил 27 години.

Во 2004 год вкупниот број на пензионери изнесувал 260.075 од кои 51,3 % се корисници на старосна пензија.

Во 2021 год. вкупниот број на пензионери е 324.833 од кои 66,96% примаат старосна пензија.

Најнискиот износ на пензија пред 17 години изнесувал 5.572 денари за тие кои правото на пензија го оствариле до декември 1996 год, а во 2021 год. истата група на пензионери зема пензија од 12.077 денари.

Највисокиот износ на пензија во 2004–та бил 26.781 денари (за тие кои се пензионирале до декември 1996) а во 2021 година, 54.335 денари. Од 01.01.2021 година максималниот износ на пензија која се исплаќа според Законот за пензиско и инвалидско одигурување е 57.304 денари

Бројките говорат дека јазот меѓу луѓето кои земаат пензија и тие што ја полнат фондовската каса се стеснува. Ако пред 30 години, или во 1991 година тројца вработени работеле за еден пензионер, сега на 1,8 вработени „паѓа“ еден пензионер.

Во инетрвју за „Локално“ директорката на фондот за ПИОМ, Билјана Јовановска изјави дека долгиот период на корона криза резултирал со балансиран процес меѓу новите вработувања и отпуштањата за што, според неа, потврда е податокот дека нема поместување во соодносот пензионер и осигуреник.

Според нејзините очекувања, овој сооднос дополнително ќе се подобри по кризата, со владините мерки за зголемување на вработеноста, од странските иневстиции, отворањето нови работни места. Сето тоа, рече тогаш Јовановска, ќе ја зголеми бројноста на вработената продуктивна сила што е важно за приходната страна на Фондот.

Слични содржини