Визната политика на Белград денеска беше цел на остри критики на состанокот на министрите за внатрешни работи на Европската унија (ЕУ), а еврокомесарката Илва Јохансон изјави дека во случај на непочитување на Унијата, не е исклучена суспензија на безвизниот режим за државјаните на Србија.
ЕУ го обвинува Белград дека придонесува за наглото зголемување на пристигнувањето на мигранти во ЕУ преку Западен Балкан.
„Се надевам дека Србија и другите партнерски земји од Западен Балкан ќе соработуваат со нас и ќе ја усогласат својата визна политика со ЕУ“, изјави еврокомесарката за внатрешни работи и миграција Илва Јохансон.
Државјаните на Србија имаат безвизен режим за патување во ЕУ, но ЕУ инсистира овие земји да се усогласат со европската визна политика. Во спротивно, ЕУ би можела да одлучи да ја суспендира оваа шема за ослободување од визи за државјаните на Србија.
„Секако дека тоа не е нешто што можам да го исклучам“, рече Јохансон.
Повеќе од 106.000 нерегуларни влезови во ЕУ се регистрирани од западнобалканската рута во текот на девет месеци, што е зголемување за 170 отсто во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците на агенцијата „Фронтекс“.
Рутата ја користеле главно сириски, авганистански и турски мигранти. Но, Комисијата забележува зголемување на пристигнувања од Куба, Индија, Бурунди и Тунис.
„Многу од нив мора да бидат вратени назад во нивните земји на потекло, но ние исто така мора да се погрижиме овие текови да бидат запрени“, истакна Јохансон.
Австрија и Белгија особено се жалат дека треба да се справат со невиден број пристигнувања на баратели на азил од кризата 2015-2016 година.
Комисијата делумно го објаснува ова зголемување со фактот што земјите од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија – имаат визна политика која не е усогласена со политиката на ЕУ. Тие земји ги ослободуваат граѓаните на трети земји од визниот режим, а потоа можат полесно да се преселат во ЕУ.
На Србија, земја кандидат за ЕУ од 2012 година, посебно ѝ се замерува, според „Франс прес“.
Јохансон следната недела треба да се сретне со претставниците на земјите од Западен Балкан во Берлин, а потоа во Прага.