На српската граница со Хрватска во автомобил детектирана радијација, цариниците испратени на лекар

од Stefanija Kuzmanovska
183 прегледи

На српската страна на граничниот премин Бездан кон Хрватска бил запрен автомобил во кој било откриено опасно ниво на радијација, по што се уапсени возачот и двајца сопатници, сите хрватски државјани.

Присуството на радиоактивен материјал, според објаснувањето до кое неофицијално дошол порталот SOinfo, е забележано со сензори на граничниот премин, кои предупредуваат на високо ниво на радијација и постоење на „сериозна количина“ радиоактивен материјал.

Забележано било зрачење во патничко возило со странски регистарски таблички кое чекало да ја напушти Србија.

Дежурната екипа од Институтот за нуклеарни науки „Винча“ по пријавување на инцидентот пристигнала на граничниот премин и констатирала присуство на радиоактивни елементи во возилото.

Сериозна радијација е откриена и во граничната зона.

Неофицијално, на цариниците и полицајците од саботната смена им било наредено да ги соблечат работните униформи и да одговорат на здравствени контроли. Возилото и радиоактивниот материјал 24 часа се наоѓале во близина на граничниот премин Бездан.

Како што се наведува, постоела сериозна закана по здравјето на населението, а објаснување е побарано од Јавното претпријатие „Нуклеарни капацитети на Србија“.

Граничниот премин Бездан – Батина е најсеверниот премин меѓу Хрватска и Србија, поделен со реката Дунав.

Слични содржини