На стартот на летната туристичка сезона сѐ повеќе Македонци заминуваат на работа во Хрватска

од Vladimir Zorba
43,1K прегледи

Скопјанецот Никола М. работи во ресторант во најелитниот дел на Дубровник. Прв пат дошол пред 6 години кога во градот имало едвај неколку стотини Македонци. Не само што не пожалил поради одлуката, туку и сите идни  работни планови и амбици ги врзува токму за ова место. 

Кога одлучив да работам во Хрватска немав многу дилеми, важна беше платата и фактот што е земја од ЕУ. Почнав со месечно примање  од 850 евра а сега заработувам и до 2000 евра. Притоа газдата ми обезбедува сместување, оброк и пиење додека сум на работа, вели Никола за Локално.

Тој е само еден од се поголемиот број Македонци кои во последните неколку години работат во Дубровачко-  Неретванската жупанија. Голем број наши граѓани работат и во останатите региони во Хрватска, па така, само во текот на минатата година биле издадени 13.412 работни дозволи за  лица од Македонија  што е 8% од вкупно издадените. Само во дубровачката регија се проценува дека работат околу 4000 македонци.

Според Никола, во моментов речиси и нема место каде не може да се сретне Македонец, а најголем дел работат во хотелиерството, угостителството и градежништвото. 

Работиме и како келнери, кувари, собарки, продавачи, градинари…Се работи од почеток на сезоната до крај, значи од мај до крајот на октомври. Само мал дел остануваат и во текот на зимата што зависи од местото каде работат. Во туризмот нема плата под 1000 евра а на сето тоа добивам и бакшиш. За тоа “цареви “се Американците, но не и гостите од Шведска,Норвешка…“ вели тој.

Со позитивни коментари е и неговата сограѓанка Марта. Втора година работи во Далмација како собарка. 

„Работата сама си ја наоѓам бидејки Агенциите наплатуваат дел од заработката.Има многу Македонци  од кои најголем број се млади луѓе, од 20 години па нагоре. Работам по 8 часа на ден а секоја минута прекувремено дополнително ми се плаќа. Се што се договарам со газдите е до точка реализирано“, вели Марта.

Посочува дека собарките во хотелите се ангажирани уште од март и нивната плата е од 850 евра па нагоре. Куварите, од друга страна  имаат плати кои во просек се движат до 2000 евра, а примањата на келнерите  се околу 1300 евра, и тие во голем дел зависат од локацијата на објектот .

Финансискиот бенефит  е поттик и за македонските студенти во Хрватска . Меѓу нив е Мартин  кој во текот на летото работи како портир во еден од најлуксузните ресорти на ривиерата.

„Едвај чекав да завршам со испитите и да почнам со работа. Лани и оваа година има недостиг од работници. Многу повеќе работам но и поголем е бакшишот. Саатницата за студенти е 5,25 евра а бакшишот стигнува и до 50 евра на ден. Секоја насмевка ..убав збор и ангажман дава резултат и се цени. Работодавачот ми обезбеди сместување а се хранам во работничката менза во хотелот. Се сретнувам со туристи од цел свет. Непроценливо искуство. Веќе размислувам следната година да конкурирам за повисоко место,консиерж“, вели Мартин.

Задоволни од друга страна се и хрватските стопанственици. Стопанската комора на оваа држава, заедно со специјализирани агенции во неколку наврати организираа средби со заинтересираните  македонски државјани околу постапките и условите за аплицирање за работа.

Нивните позитивни впечатоци неодамна, во интервју за „Локално“ ги сподели и претседателката на стопанската комора во Дубровник, која посочи дека хрватските стопанственици се многу заинтересирани за Македоците како работна сила бидејќи имаат европски манири, културно наследство, во голем дел се слични на Хрватите, а се покажале и како исклучително вредни. Нашите граѓани најмногу работат во услужните сектори како што е туризмот, во сообраќајот, трговијата, а во еден дел и во градежништвото. Според нивното сведочење, најдобри се заработувачките во хотелиерството и угостителството но можноста да останат преку целата година најчесто  ја имаат градежниците.

Освен Македонци, во Хрватска  има  работници  и  од БиХ, Србија, Косово, Индија, Филипини. Проекциите на стопанската комора на Хрватска е дека оваа година уште повеќе ќе се зголеми процентот на работници од странство, а меѓу нив секако ќе бидат и македонските граѓани.

К.В.С.

Слични содржини