Министерството за високо образование, управувано од талибанците, им нареди на приватните универзитети во Авганистан да не дозволуваат студентки да полагаат приемен испит следниот месец, нагласувајќи ја нејзината политика за ограничување на правата на жените на високо образование.
Писмото на министерството е испратено до институциите во северните провинции на Авганистан, вклучително и Кабул, каде што треба да се одржуваат приемните испити од крајот на февруари, објави „Ројтерс“.
Во писмото се наведува дека оние институции кои нема да ги почитуваат правилата ќе се соочат со правни последици. Во декември, министерството за високо образование им порача на универзитетите да не дозволуваат студентки да посетуваат факултети до понатамошно известување.
Неколку дена подоцна, управата забрани работа на повеќето жени вработени во невладини организации, а властите ги затворија и повеќето средни училишта за девојки.
Меѓународната заедница ги осуди ограничувањата на работата и образованието на жените во Авганистан.