На ден 22.09.2021 Град Скопје објави пост во кој вели дека на претставник од НаТочак му бил претставен проектот за проширувањето на улица Васко Карангелески и дека “oд претставникот на иницијативата е искажано разбирање за нужното проширување, а 4 дена подоцна на истата локација Град Скопје со поддршка на иницијативата #НаТочак го реализираше настанот ‘Улици за Луѓе’ кога улицата беше цел ден затворена за автомобили”, реагираат од групата ентузијасти „На Точак“.
Според нив, иницијативата поттикната од НаТочак за организирање на повторувачки настан „Улици за луѓе“ на повеќе локации низ градот (на месечно ниво), беше по којзнае кој пат подадена рака од иницијативата кон Градот за промоција и популаризација на немоторизираниот сообраќај, мирен маалски живот и за воспоставување партнерски однос за унапредување на идните големи сообраќајни промени што ги очекуваме во Скопје.
-Но, на споменатиот состанок во Град Скопје, одржан наменски за дефинирање на концептот за „Улици за луѓе“, претставниците на Градот презентираа ЗАВРШЕНО И ОДОБРЕНО решение за пробивањето на улицата Васко Карангелески, за кое што веќе беше започнат тендерот и во кое што немаше простор за големи интервенции. Од претставникот на НаТочак, иако беше искажано разбирање за пробивањето (не за проширувањето) на улицата, неколку пати во текот на состанокот беше нагласено дека проектот треба да го вклучи постоечкото зеленило со повеќедецениски дрворед, да го задржи широкото шеталиште, и да обезбеди мирен простор за движење за учениците и пензионерите што често го користат тој простор. Претставниците од Градот декларативно се согласија повторно да го разгледаат просторот и да пробаат да изнајдат начин за задржување на шеталиштето, велат од иницијативата.
Од таму додаваат дека во периодот што следел, ниту се организирала втора „Улица за луѓе“, ни Градот ги известил НаТочак дека работеле на алтернативни решенија за улица Васко Карангелески.
-Дополнително, ниту еднаш не беше понудена можност за консултации ОДНАПРЕД за новите „реконструкции“ на градските улици со цел унапредување на квалитетот и безбедноста за пешаците и велосипедистите. Консултации не се прават на веќе одобрени решенија. Тоа е информирање, не консултирање. Улици за луѓе не се прават без консултација со луѓе. За крај, бараме од Град Скопје и сите институции на кои сме им ја понудиле нашата помош да не ги користат состаноците каде ни биле презентирани веќе одобрени проекти како алиби за лошите решенија на терен, стои во реакцијата на „На точак“.