На Велика Британија итно ѝ требаат 800 месари, ќе понуди визи за шест месеци

од Nikola Popovski
617 прегледи

Велика Британија ќе понуди 800 визи за шестмесечен период поради недостаток на работна сила и прекини во синџирите на снабдување со странски месари, рече министерот за животна средина Џорџ Еустис.

Фармерите низ целата земја објаснуваат дека Брегзит и пандемијата со Ковид-19 предизвикаа вистински егзодус на работници од Источна Европа кои работеле во кланици и фабрики за преработка на месо, оставајќи свињите да се натрупаат на фирмите и нивите низ целата земја.

„Ќе им дозволиме на работниците од кланиците и фабриките за преработка на месо да дојдат шест месеци како дел од програмата за сезонски работници“, објасни Еустис.

„Ова ќе ни помогне да го решиме проблемот со премногу свињи на фармите и ќе им овозможи на производителите на месо да заколат што е можно повеќе свињи“, додаде министерот.

Според него, ќе бидат потребни околу 800 месари. Тој, исто така, објасни дека индустријата за преработка на свинско месо и прехранбената индустрија воопшто, изгубиле голем број работници поради пандемијата, а не Брегзит.

„Можеа да останат, но многумина од нив сакаа да бидат со своите семејства во тешкиот период на пандемијата, па ја напуштија Британија“, рече Еустис.

Тој, исто така, најави дека транспортните правила за возачите од ЕУ ќе бидат олабавени и дека ќе можат да патуваат во Британија колку што сакаат во текот на двонеделниот период.

Слични содржини