Градоначалничката на Град Скопје , Данела Арсовска разреши двајца градски функционери кои се челнови на ВМРО-ДПМНЕ, партија која и даде поддршка на локалните избори, обвинувајќи ги за матни зделки.
Од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за „Локално“, велат дека во периодот кој следува партиските органи ќе заземат став за релацијата кон Арсовска, посочувајќи дека во самото образложение на секретарот во Град Скопје, Ѓоко Велковски е наведено дека градоначалничката има слаб капацитет за да ги реализира „приоритетите на скопјани и приоритетите кон модерно Скопје“.
АРСОВСКА УПАДНА НА ПРЕСОТ НА РАЗРЕШЕНИОТ ДИРЕКТОР
Арсовска му упадна на прес конференцијата на разрешениот директор на Водовод, Златко Перински.
Таа рече дека дошла да види во кое својство разрешениот Перински држи прес во службените простории кога веќе не е директор.
Перински ја покани градоначалничката да присуствува на прес-конференцијата, на која ги отфли како паушални и неосновани сите нејзини обвинувања. Причина за раздорот е проектот за пречистителна станица на Водовод со европски средства во вредност од околу 136 милиони евра.
„РАЗЛИЧНИ ПАТИШТА“
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција го потврди раздорот меѓу најголемата опозициска партија и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Мицкоски рече дека во животот не секогаш се исполнуваат очекувањата.
„Но, во животот имате моменти кога ќе видите дека очекувањата не се исполнуваат и тогаш патиштата може едноставно да ви се разотидат. Важно е патот на ВМРО-ДПМНЕ да е оној кој е вистинскиот, а Скопје да биде метропола, и преку советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе продолжиме така да делуваме, рече Мицкоски одговарајќи на прашање дали Арсовска се уште има поддршка од него по денешниот состанок со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.
Според него, важно е Скопје да се развива и затоа поддржале независен кандидат. Во однос на доскорешниот генерален секретар во Град Скопје Ѓоко Велковски и разрешениот в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински, Мицкоски порача дека верува во нивното чесно работење.
„Вистината е следна, и Ѓоко Велковски доскорешниот секретар кој денеска ја напушти таа позиција и Златко Перински имаат моја недвосмислена поддршка верувам во нивниот чесен карактер и чесно работење и тие остануваат дел од плановите на ВМРО-ДПМНЕ и во иднина. Што се однесува до Перински можам да кажам дека постигнува исклучително високи финансиски резултати во работењето на ЈП Водовод откако е поставен. Во првиот квартал има зголема добивка, за 50 милиони денари поголема наплата и тоа се резултати за почит, јас би посакал да имам таков соработник, а некој за жал не успева да ги искористи нивните капацитети“, рече Мицкоски.