Нацев: Граѓаните да покажат соодветна безбедносна култура која ќе им помогне на надлежните за справување со лажните закани за бомби

од Nikola Popovski
743 прегледи

Лажни беа и вчерашните закани за поставени бомби во 49 училишта во Скопје и Заводот за рехабилитација, како и едно во Прилеп, соопшти Министерството за внатрешни работи.

„Веднаш по добивањето на пријавата од страна на полициски службеници преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребни проверки од страна на антитерористичките екипи, при што е утврдено дека постои случај за лажна пријава“, посочија од МВР.

Анонимни пораки за поставени бомби во училиштата и други објекти во земјава пристигнуваат повремено од 26 октомври минатата година.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера истакна дека истрагата за дојавите дава интересни првични податоци. „Како новите адреси веднаш биле доставени до тие коишто ги праќаат овие лажни дојави за бомби?“, рече тој од Собранието, иако биле променети електронските адреси на училиштата.

Професорот и експерт за безбедносни прашања Александар Нацев во разговор за „Локално“ истакнува дека фактот што скоро е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата, е навистина сериозно прашање за кое мора да се најде решение, со цел да се смири населението.

-Време е некој од раководителите на безбедносниот сектор да излезе со кредибилна и одржана изјава за она што се случува и за потенцијално решение. Заканите може да доаѓаат од различни извори и во моментов е тешко да се детектира точната цел на оној кој стои позади ова, затоа што се покажа дека сите закани се лажни, а не видовме и некое соопштение до медиумите од лажниот бомбаш, некаков вид манифест или листа со барања, порачува Нацев.

Според него, треба да се биде максимално свесен и да не се отрпнува на заканите за поставени експлозивни направи.

-Апсолутно треба да се одржи максимална будност кај јавноста и почитување на процедурите кои се утврдени за постапување во вакви ситуации и да се следат насоките од одговорните безбедносни органи. Работа на државните органи, меѓу кои со свои надлежности е и Центарот за управување со кризи (ЦУК) е да дадат максимум во своите заложби и работа за да се стави крај на оваа состојба која веќе трае предолго, вели Нацев во контекст на изјавата на првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов, кој пред два дена во дебатна емисија изјави дека „луѓето ќе отрпнат“, додавајќи „сега да ми јават дека во зграда има дојава за бомба, нема да излезам, ќе гледам телевизија“.

Експертот е свесен дека хаосот со овие дојави удира и на македонската економија.

-Секако дека оваа ситуација продуцира негативен економски ефект, затоа што дел од дојавите беа за трговски центри и аеродроми, каде што со самата евакуација на објектите и проверките, се нарушува редовното функционирање на тие компании и тие трпат одредени финансиски загуби, укажува Нацев.

Професорот бара граѓаните да покажат соодветна безбедносна култура кога се работи за вакви случаи.

-Трошоците кои произлегуваат од овие настани и почитувањето на соодветните безбедносни процедури кои се пропишани секако дека прават товар на буџетите на институциите кои се вклучени во тие проверки (МВР, АНБ и слично), но и ваквите ситуации се составен дел од нивната надлежност и едноставно мора да се постапува. Во однос на граѓаните, апелирам за совесно и одговорно однесување и покажување на соодветна безбедносна култура која ќе им помогне на надлежните институции за поефикасно и поефективно справување со конкретнава безбедносна закана, ни рече Нацев во разговорот.

Министерството за образование и наука (МОН) препорача во деновите кога училиштата ќе добијат заканувачка порака за поставена бомба, да организираат онлајн настава, наместо целосно да ја прекинуваат наставата тој ден.

Оваа препорака е со цел да не се губат часови.

-Учениците ќе треба за еден час, колку што им е потребно да се вратат во нивните домови, да се приклучат онлајн за да ја следат наставата, додадоа од МОН.

Препораката е испратена до директорите на училиштата кои изминативе месеци во континуитет добиваат лажни дојави за поставени бомби во нивните објекти.

Н.П.

Слични содржини