Началник од МВР: Таткото на Вања беше конфузен, не излегуваше од возило да го бара девојчето

од Nikola Popovski
215 прегледи

Во Кривичниот суд 1 продолжи судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. На денешното рочиште беа сослушани нови сведоци, меѓу кои и Музафер Каришиќ, сведок предложен од обвинителството.

Каришиќ во моментот на истрагата бил помошник-началник во СВР Скопје.

„Од моментот на пријавување на исчезнато девојче бев известен од началникот на СВР Скопје, имав овластување да ги координирам службите и веднаш контактирав со надлежната станица каде е пријавено исчезнувањето. Оттаму ме информираа дека по пријавата се преземени сите мерки и дејствија. Доцна вечерта се вклучивме бидејќи се појавија написи дека девојчето е киднапирано. Првата средба со родителите на Вања беше на денот на исчезнувањето. Потоа директно се вклучивме во работата, отидовме да видиме што е направено и што да преземеме. Тогаш ги видовме родителите за прв пат. Мајката беше посталожена“, рекол тој.

Каришиќ навел дека таткото на Вања бил збунет околу случајот.

„Првиот впечаток за таткото беше чуден за мене, но и за колегите. После разговорот анализиравме дека беше конфузен, потиштен во многу изјави и многу работи кои ние го прашувавме Девојчето не се скарало со родителите. Целата полиција, сите униформирани службеници, сите беа вклучени во операциите за пребарување“, изјавил Каришиќ.

Во продолжение, тој зборуваше и за потрагата, што се одвивала заедно со таткото и роднина на семејството Ѓорчевски. Најпрвин отишле во Капиштец, во еден од семејните станови, а потоа се упатиле кон Средно Водно.

„По пат цело време велеше, џабе одиме, џабе тука бараме, ама ајде ќе одиме. Нејќеше да излезе од автомобилот. Остана во возилото, запали цигара и не излезе. Тогаш се запрашавме зошто не излегува од возилото како татко да бара. Го прашав зошто не излезе, повторно имаше конфузија, и пак рече, таа е киднапирана, таа е убиена, џабе тука бараме“, сведочел Каришиќ за пребарувањето на Средно Водно каде се упатиле полицајците и таткото на девојчето.

На претходното сведочеше мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, која рече дека воопшто не се посомневала дека Вања била киднапирана, но нејзиниот маж од првиот момент тврдел дека е киднапирана.

Не го познава лично Љупчо Палевски Палчо. Пред судот сведочеа и ќерката на велешанецот Панче Жежовски и неговиот зет. Во случајот со двојното убиство првообвинет е Љупчо Палевски и уште петмина за соучесништво и грабнување.

Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 24-ти и 27-ми ноември, а пронајдени мртви на 3-ти декември 2023-та година.

Слични содржини