Во тек е втора недела од кампањата за локални избори, во која продолжуваат претставувања на кандидатите за градоначалници и советници пред граѓаните. Во кампањата до сега без изнесени коментари од дел од политичарите дека станува збор за најцрна изборна кампања, а во фокусот на вниманието беше и упатството на АВМУ, кое ја исклучи партијата Левица од политичкото рекламирање.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски кампањата ја оценкува како неинвентивна. Тој во разговорот за „Локално“ вели дека квалитетот на кандидатите е под секоја граница на нормалност.
-Изборната кампања до сега никогаш не била понеинвентивна и по дежа ву. Едноставно, како да застанале во времето луѓето кои што треба да донесат некој просперитет во државата. Квалитетот на кандидатите е испод каква било граница на нормалност, така да не може ништо да се очекува добро од таков слаб квалитет на кандидати, вели Пекевски.
Тој е на ставот дека кампањата е многу слаба, при што политичарите не успеаваат да ги прочитаат пораките на граѓаните.
-Многу слаба кампања. Тоа може да го видите и по коментари на граѓаните на социјални мрежи. Генерално, народот е незадоволен од овој неквалитет и од оваа неспособност на сите кандидати, и оние од позиција и од опозиција, посочи Пекевски.
Со оглед на тоа што самата кампања изминативе десет дена изобилуваше со „национални предавства“, со Бугарија, а многу помалку со локалните теми – аерозагадувањето, сметот, јавниот превоз, не изостанува прашањето дали можеби партиите со ваквата реторика на некој начин се подготвуваат и за предвремени парламентарни избори.

Фото: Принтскрин/ Јутјуб
Пекевски вели оти не верува дека ќе има предвремени избори, затоа што од нив за сега нема потреба.
-Кандидатите и партиите се целосно неспособни. Некако како да живеат во паралелен свет, каде што се функционира нормално. Не ми е јасно како на нив не им смета загадувањето, и како може да ги повторуваат и ветуваат истите работи секоја година, на секои избори, кога во суштина ниту еден проблем не го решаваат, додаде Пекевски.
Во однос на тоа дали постои цензура по објавување на упатството од страна на АВМУ, Пекевски посочи дека не гледа цензура и оти смета дека самите новинари си имаат автоцензура.
-Генерално, не гледам дека има цензура, новинарите самите си ставаат некоја невидлива бариера, поврзана со цензура, додаде Пекевски.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за „Локално“ вели дека тонот на кампањата останува доминантно негативен, кај генералните пораки.
–Две работи може да се коментираат. Едното е тонот на кампањата, кој останува доминантно негативен кај генералните пораки. Второ се пораките кои кандидатите ги праќаат. Овие две работи треба да се одвојат, додаде Арсовски.
Според Арсовски, пораките кои партиските лидери или генерално партиите си ги праќаат една на друга, се генерално пораки врзани за кампањата и немаат врска со локалните кандидати. Повеќе се поврзани со национални теми.
-Напади, тензична атмосфера – тоа е она што доминира во првата линија на комуникација. Во втората линија на комуникација, таа која доаѓа директно од кандидатите, доминира понуда, односно што се кандидатите би направиле во својата општина, додаде Арсовски.
Како што посочува, на првата линија на комуникација доминираат тензични пораки, негативна кампања. Арсовски е на ставот дека кампањата во овој правец и ќе продолжи.
Прашан дали постои можност од предвремени парламентарни избори, Арсовски одговори оти смета дека резултатите кај албанскиот блок ќе одлучат дали ќе се оди на предвремени парламентарни избори.
-Мислам дека политичкиот амбиент ќе го дефинираат резултатите на локални избори, најмногу во албанскиот политички блок. Не мислам дека сега партиите имаат одлучено дали ќе разговараат за предвремени парламентарни избори или не, рече Арсовски.
Тој смета дека пораките се генерално за мобилизација на своето гласачко тело и за создавање на општ политички амбиент околу советничките листи.

Фото: Принтскрин/ Јутјуб
Коментирајќи го упатството на АВМУ, Арсовски напомена оти сите политички чинители треба да имаат еднакво право на застапување, како и другите партии.
-Вас може да ви се допаѓаат или да не ви се допаѓаат некои политички партии. Но, сите тие како политички чинители треба да имаат еднакво право на застапување како и другите партии, рече Арсовски.
Тој посочи дека такви недоречености во Законот може да му наштетат на изборниот процес и затоа треба да бидат ревидирани.
-На пример, Собранието може да направи автентично толкување, кое ќе му овозможеше на АВМУ да им дозволи на тие партии пристап до рекламниот простор кој го гарантира државата, додаде Арсовски.
Тој останува на ставот дека кампањата генерално е црна, но секоја наредна кампања ќе станува се поцрна и поцрна.
Б.Т.