Националниот џез оркестар со „Македонски сновиденија“ вечерва во Виена

Националниот џез оркестар ќе настапи во реномираниот џез клуб Porgy & Bess вечерва во 20.30 часот во Виена, како дел од турнејата „Македонски сновиденија“ (Macedonian Dreams). Ова е третиот и последен настап на македонските џезери предводени од диригентот Владимир Николов, како дел од мини-турнејата што ги опфати и Будимпешта и Прага.

од Vladimir Zorba
7 прегледи Фото: Национален Џез Оркестар на Република Северна Македонија

Националниот џез оркестар ќе настапи во реномираниот џез клуб Porgy & Bess вечерва во 20.30 часот во Виена, како дел од турнејата „Македонски сновиденија“ (Macedonian Dreams). Ова е третиот и последен настап на македонските џезери предводени од диригентот Владимир Николов, како дел од мини-турнејата што ги опфати и Будимпешта и Прага.

Macedonian Dreams е уникатна фузија на македонски фолклорни мотиви и современ џез, вистинска музичка приказна која Националниот џез оркестар со гордост ја носи на европските сцени, претставувајќи ја македонската културна и музичка традиција во современ контекст.

– Оваа турнеја е важна, затоа што промовира нешто ново, истовремено базирано на нашата традиција. Најважниот дел во овој проект или приказна е како ние комуницираме со нашето минато. Претставуваме и аранжмани на фолклорни теми, но го правиме тоа на начин со кој што кажуваме нешто што сметаме дека е релевантно во денешниот џез и, воопшто, во музиката – вели маестро Николов, кој заедно со Гордан Спасовски, ги создадоа и аранжманите на композициите.

За директорот на Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски, ова е исклучително важна турнеја, затоа што промовираме целосно македонска музичка џез приказна и ја претставуваме на светот.

-Настапите во Будимпешта и во Прага поминаа подобро од очекувањата. Аплаузите, овациите, довикувањата за бис ни беа најголема награда. Нашиот оркестар се претстави во врвно издание, а покажавме дека и изборот на програмата е полн погодок за наша поголема промоција низ Европа. Очекуваме дека Macedonian Dreams ќе ни отвори нови врати и нови соработки во иднина – рече Стевковски.
„Уште, уште, уште…“ довикуваше публиката во Културниот центар „Ла Фабрика“ во чешката престолнина Прага по настапот на членовите на Националниот џез оркестар. Ла Фабрика е интересен културен центар, место за концерти од различен тип, театарски претстави, изложби…

Седумосминскиот такт, одличните аранжмани на наши бисер композиции, создадени од маестро Владимир Николов и од пијанистот Гордан Спасовски ја одушевија публиката. Соло делниците беа особено поздравени со бројни аплаузи, овации, а логично се бараше уште од возбудливите партитури што мирисаат на минато и емоција вткаени во нова џез приказна. Македонци што живеат во Прага, но и Чеси љубители на џез музиката уживаа во овој музички разговор, внимателно подготвен да го промовира македонското современото џез творештво.

Деветка, Касапско оро, Калајџиско оро, Писмо до човекот со шишињата, инспирирано од орото Ратевка, а посветено на единствениот Зоран Маџиров, Lake Ohrid Lament (инспирирана од песната „Ој ти момче охриѓанче“) на Кочо Петровски и Иван Терзиев… се само дел од композициите што публиката посебно ги препознава и ги ужива на концертот.

Клупската атмосфера влијаеше за посебна возбуда и кај музичарите, кои сите до еден брилираа во своите соло настапи. Задоволството на добриот настап и комуникација со публиката не го криеја и диригентот Владимир Николов и директорот на Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски. На концертот присуствуваа и претставници од нашата амбасада во Република Чешка.

Во Будимпешта, Националниот џез оркестар настапи во големата сала на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Концертот беше отворен со „Деветка“ од „Леб и сол“, по аранжмани на Кокан Димушевски и Владимир Николов и првите аплаузи за соло делот на Иван Иванов. Аранжманите на композициите ги направија диригентот Николов и од Гордан Спасовски. Инспириран од орото Ратевска, а во чест на Зоран Маџиров, Спасовски ја создаде A Letter to the Bottleman (Ratevka) (Писмо до човекот со шишињата). Во чест на својот професор Илија Пејовски, Владимир Николов ја напиша и аранжира композицијата „Reflection of „Caress“, даде посебна емоција и нежност на концертот. Ја чувме и Can you dig it?, композиција на Васил Хаџиманов. South Node и Changing Landscapes се оригинални композиции на Владимир Николов што се исто така дел од концертот, а „Касапско оро“ исто предизвика радост кај публиката. Сите музичари што имаа соло делници брилираа, најголем удел во оваа приказна имаше Кирил Кузманов, со најмногу соло настапи.

На концертот во Будимпешта присуствуваше и Марија Ѓоргова, државна секретарка на Министерството за култура и туризам. Во организацијата на концертот помогна Златко Панзов, професор на Универзитетот ЕЛТЕ и дел од центарот Balkan Heritage.