Повеќе од 10.500 барања за дозволи за престој во рамките на грчката програма „Златна виза“ остануваат во исчекување, бидејќи заостанатите барања од претходните години сè уште не се разрешени од надлежните органи, објавува онлајн изданието на весникот „Катимерини“.
Грција ја започна програмата „Златна виза“ во 2013 година за време на децениската финансиска криза во земјата, а визите имаа за цел да внесат пари во земјата за време на падот на пазарот на домување. Таканаречената „златна виза“ им овозможува на државјаните на трети земји кои купуваат имоти со одредена вредност да станат привремени жители во земјата.
Апликациите за програмата нагло се зголемија во 2023 и 2024 година, а многу од 10.613-те што сè уште чекаат разгледување и одобрување беа поднесени во овој период, објавува „Катимерини“. Во текот на овој двегодишен период, 4,93 милијарди евра влегоа на грчкиот пазар на недвижности од странство, а голем дел од нив стигнаа преку програмата „Златна виза“.
Според податоците од грчкото Министерство за миграција и азил, заедно со барањата за обновување на веќе издадените дозволи за престој (каде што првите пет години од нивната важност се истечени), се проценува дека од нејзиното започнување во средината на 2014 година, програмата ја користеле 39.490 инвеститори, не сметајќи ги нивните роднини.
Сепак, речиси 50 проценти од овие инвестиции се регистрирани во двегодишниот период 2023-2024 година, кога последователните промени во минималниот инвестициски праг за добивање дозвола за престој предизвикаа „инвестициска треска“.
Обидот на грчката влада да ја ограничи апсорпцијата на недвижности од страна на странски инвеститори преку програмата „Златна виза“ на крајот се врати како бумеранг, бидејќи илјадници заинтересирани лица брзаа да обезбедат дозволи на најниските прагови, објави медиумот.
Во првите 11 месеци од 2025 година, беа одобрени 7.875 нови првични дозволи за престој за инвеститори, што е зголемување од 95 проценти во однос на истиот период во 2024 година. Се очекува трендот на зголемување на одобренијата да продолжи и оваа година, бидејќи заостанатите случаи продолжуваат да се обработуваат.
Во исто време, податоците покажуваат дека од април 2025 година има значително забавување на новите апликации поднесени од инвеститорите, што укажува дека новите, повисоки прагови што беа воведени минатата година имаат ефект. Врз основа на најновите достапни податоци за ноември 2025 година, за програмата се поднесени само 377 нови апликации, што е намалување од 58,7 проценти во однос на претходната година.
Во посебен коментар на темата, насловен како „Крајот на златната виза“, „Катимерини“ изрази мислење дека програмата е воведена поради непосредната потреба за инјектирање инвестициски капитал во Грција и веќе ја исцрпи својата корисност. „Најновото зголемување на инвестицискиот праг во рамките на програмата го ограничи ризикот, но време е да се разгледа неговото конечно укинување. Приоритет е да се контролираат цените на недвижностите и да се справиме со кризата со домувањето“, коментира дополнително „Катимерини“.