Над 100 загинати во напад на воена академија во Сирија

од Vladimir Zorba
243 прегледи

Според невладината организација Сириска опсерваторија за човекови права во четвртокот во напад на воена академија во Хомс во централна Сирија загинаа повеќе од 100 лица.

Во нападот на свеченото унапредување на офицерите на сирискиот режим загинаа „повеќе од сто лица, од кои половина дипломирани воени и 14 цивили“, а 125 се ранети, соопшти организацијата со седиште во Велика Британија, која се потпира на широка мрежа на извори во своите извештаи во Сирија.

Цивили и припадници на армијата загинаа во напад на воена академија во провинцијата Хомс во централна Сирија, соопшти сириското Министерство за одбрана во соопштение, додавајќи дека „терористичките“ групи користеле беспилотни летала во нападот, пренесува Ројтерс.

Во соопштението не се наведува ниту една организација и ниту една група сè уште не ја презела одговорноста за нападот.

Сирискиот министер за одбрана присуствуваше на церемонијата на промоција, но си замина неколку минути пред нападот, изјави извор од сириските безбедносни служби и безбедносен извор во регионалната алијанса која ја поддржува владата во Дамаск против опозициските групи.

„После церемонијата, луѓето слегоа низ дворот и падна експлозив. Не знаеме од каде потекнува. Тела ја покрија земјата“, рекол Сириец кој помогнал во поставувањето украси во академијата, пренесува Ројтерс.

Снимката што ја видел Ројтерс на платформата WhatsApp покажува луѓе во камуфлажа и цивилна облека како лежат во локви крв во голем двор.

Конфликтот во Сирија започна со протести против претседателот Башар ал Асад во 2011 година. Немирите потоа прераснаа во војна, при што загинаа стотици илјади и раселени милиони.

Сириската армија претрпе големи загуби во борбите и во голема мера зависи од воената помош од Русија и Иран, како и од борците од Либан, Ирак и други земји, поддржани од Техеран.

Асад ја врати контролата врз поголемиот дел од земјата, но голема област на север, на границата со Турција, сè уште е контролирана од вооружени бунтовнички групи, вклучително и тврдокорни џихадистички борци.

Слични содржини