Над 30 лица загинаа, а 100 се ранети во руски напад на железничка станица во Украина

од Vladimir Zorba
255 прегледи

Повеќе од 30 луѓе беа убиени, а повеќе од 100 ранети во руски ракетен напад на железничка станица во источна Украина на 8 април, кога тројца високи европски функционери пристигнаа во Киев, а ЕУ ја усвои петтата рунда санкции за да ја казни Русија за нејзината неиспровоцирана инвазија.

Украинската државна железничка компанија соопшти дека две руски ракети ја погодиле станицата во Краматорск, која се користи за евакуација на цивили од областа бомбардирана од руските сили.

„Две ракети ја погодија железничката станица Краматорск“, се вели во соопштението на Украинските железници.

„Според оперативните податоци, повеќе од 30 луѓе загинаа, а над 100 се повредени во ракетен напад на железничката станица Краматорск“, се додава во соопштението.

Десетици мртви цивили беа прикажани на видеа и фотографиите објавени на социјалните мрежи, заедно со ранците и куферите што ги носеа со себе.

Ова се случи во моментот кога претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, еврокомесарот за надворешна политика, Жозеп Борел и словачкиот премиер, Едуард Хегер, треба да разговараат во Украина со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Хегер на Твитер напиша дека излегле со предлози за трговска и хуманитарна помош за Зеленски и неговата влада.

Дел од тој пакет е „нудење опции за транспорт на житарици, вклучително и пченица“, рече Хегер. Украина е еден од водечките светски добавувачи на пченица, а руската војна против Украина предизвикува недостиг, особено на Блискиот Исток.

Тој додава дека ЕУ сака да и помогне на Украина на нејзиниот пат кон поблиски врски со европскиот блок „со создавање реформски тим“.

Ова е прва посета на западните водачи откако претходно оваа недела се појавија информации за руските злосторства во Буча.

Слични содржини