Над 50 жртви во Бејрут, експлозијата се почуствувала на Кипар

од Vladimir Zorba

Министерот за здравство на Либан, Хамад Хасан, рече дека педесетина лица загинале, а околу 2.700 се повредени во експлозија во Бејрут за која премиерот Хасан Диаб рече дека е катастрофа за која одговорните ќе „платат“.

Министерот за здравство ги објави новите бројки на телевизиско обраќање, а претходно предупреди дека болниците се преполни со ранети.

„Ова што се случи денес нема да помине без некој д аплати. Оние што се одговорни за оваа катастрофа мора да ја платат цената“, рече премиерот Диаб во телевизиското обраќање.

Тој ги повика „пријателските земји“ да му помогнат на Либан.

„Упатувам итен повик до сите пријателски и братски земји што го сакаат Либан да бидат со него и да ни помогнат да ги излекуваме нашите длабоки рани“, повика премиерот.

Претходно, тој прогласи ден на жалост за утре.

Сè уште не е познато што ја предизвикало експлозијата во пристанишниот дел на Бејрут, која била толку силна што ударот се почувствувал на Кипар, оддалечен 180 километри.

Експлозивите, наводно, се чуваат во пристаништето неколку години.

Диаб вети дека наскоро ќе каже нешто за „тој опасен магацин што постои веќе шест години, од 2014 година“.

Слични содржини