Вкупно над 500 бугарски граѓани дарувале крв за повредените во трагичниот инцидент во кочанската дискотека, соопштија дел од бугарските медиуми, како информација добиена од Црвениот крст на Бугарија.
Дарувањето на крв се врши во Универзитетската болница за активно лекување и ургентна медицина „Пирогов“, Воено-медицинската академија (ВМА) и Националниот центар за трансфузиона хематологија во Софија.
Во вторникот крв дарувале 381 лице, а во понеделник за само три часа над 120 луѓе, информираа од „БТА“.
Од прес-службата на Црвениот крст на Бугарија појаснуваат дека акцијата продолжува до крајот на неделата и секој што сака може да дарува крв и да им помогне на настраданите.
Во Бугарија во моментов се згрижени 15 пациенти од Македонија.
Македонското МВР соопшти дека веќе се идентификувани сите жртви од пожарот во дискотеката. Вкупниот број на повредени е 196 лица, од кои 20 се деца. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски прецизираше дека 93 од повредените се згрижени во скопските болници, а 80 се пренесени на лекување во странство.
Погребите на жртвите од Кочани ќе се одржат на 20 март, четврток.