Над 55 најчитани портали во Македонија ги напуштија агрегаторите за вести

од Vladimir Zorba
104 прегледи

Над 55 најрелевантни и најчитани портали во Македонија се приклучија на иницијативата на Onlinemedia.mk и излегуваат од агрегаторите за вести.

Порталите бараат доследно почитување на Законот за измени и дополнувањна Законот за авторски и сродни права, кој ги обврзува агрегаторите да склучат договори со интернет медиуми за агрегирање содржини со надомест.

Претходно, во заедничка изјава онлан медиумите порачаа дека агрегаторите мора да ги почитуваат авторските права на интернет порталите, и дека преземањето на содржините како до сега е неприфатливо.

„Според последните измени на Законот за авторски и сродни права („Службен весник на РСМ“ број 87/2005), ве известуваме дека не ги прифаќаме вашите предлог договори испратени неодамна до нашите редакции, за правото да ги преземате нашите информации, фотографии, видеа. Доколку тоа бесправно преземање продолжи од ваша страна, ќе бидеме принудени да покренуваме постапки за заштита на авторските права. Сите потписници бараат да бидат отстранети од понатамошно агрегирање на информациите, почнувајќи од 21 мај 2025 година, се до постигнување на евентуален договор. Како асоцијација на портали, Онлајнмедиа.мк ви стои на располагање за разговор“, стои во дописот на порталите.

Здружението Onlinemedia.mk очекува кон ставот да се придружат и други портали, чии сопственици или претставници од објективни причини не беа во можност да присуствуваат на состанокот одржан на 20 мај, во просториите на Здружението на новинарите на Македонија.

 

Слични содржини