Над 8.000 обврзници со опомена за неплатен долг за персонален данок, УЈП ја лоцира причината во (не)информираноста

од Vladimir Zorba
1,8K прегледи

Точно 8.386 граѓани кои навреме не извршиле увид во Годишната даночна пријава добиле опомена за неплатен долг кон УЈП. Станува збор за физички лица за кои во ГДП за утврдување на данок на личен доход за 2019 година е утврдена разлика за доплата на данок на личен доход. Од УЈП за „Локално“ велат дека износот на главниот долг е 165.739.286 денари или 2,69 милиони евра.

Причината зошто толку многу граѓани добиле опомени за неплатен долг, УЈП ја лоцира во (не)информираноста на обврзниците на данок на личен доход односно дека Годишната даночна пријава треба електронски да се провери и истата да се одобри или да се изврши нејзина корекција. Потсетување за ваквата обврска УЈП испрати во мај, а во октомври имаше известување дека треба да се уплати утврдената разлика. Очигледно е велат од Управата дека кај некои граѓани е потребно понтензивно да се развие културата на следење на информациите и електронска комуникација со УЈП.

– Од комуникацијата со даночните обврзници се согледува дека, покрај тоа што има неправилно извршени уплати, некои граѓани не го платиле својот долг затоа што не се многу запознаени со новиот начин на пресметка на данок за остварен доход и плаќање на данокот преку системот е-персонален данок, па затоа несвесно ги пропуштиле роковите за преглед на нивната Годишната даночна пријава, очекувале даночно решение од Управата за јавни приходи и сл. Некои граѓани пак сметале дека прогресивните стапки за оданочување се укинати и за 2019 година и дека не треба да имаат разлика за доплата на годишен данок која произлегува од прогресивното оданочување, изјавија за „Локално“ од УЈП.

Преку усогласување на податоците, објаснуваат од УЈП, се одбегнува присилна наплата на долг, му се овозможува на даночниот обврзник доколку има потреба, брзо да добие уверение за платени даноци и сл., а во даночната евиденција на УЈП и на листата на должници ќе се прикажува само реално наплатив долг по овој основ.

Од Управата признаваат дека е направен пропуст од нивна страна во делот на опомените каде е вклучен износ на камата без налог за плаќање на истиот.

– Износот на каматата за задоцнето плаќање се пресметува од датумот на доспеаноста на данокот (30-ти јуни) до датумот на уплата, па износот на камата е фиксен, не се зголемува со дополнително пресметаната камата на камата, и граѓаните не треба да бидат загрижени околу дополнително оптоварување и зголемување на тој долг. Граѓаните кои платиле камата за задоцнето плаќање на долгот без налог за плаќање од УJП ќе бидат известени навреме за начинот и постапката на прифаќање на овие уплати, откако ќе се пресмета камата за сите даночни обврзници и ќе се генерираат налозите за плаќање, посочуваат од Управата за јавни приходи.

Новиот начин на пресметка и плаќање на данок на личен доход кој вклучува електронска пресметка на данокот, без даночно решение, почна да се применува на 1 јануари 2018 година. Преку системот е-персонален данок се врши достава на е-пресметка од страна на даночниот обврзник, одобрување на е-пресметката и доставување на налог за плаќање од страна на УЈП, доставување на ГДП и потврда или корекција на истата. Најголем дел од обврзниците на годишен данок на доход се регистрирани корисници на системот и можат да го користат лично или преку полномошник.

К.В.С.

Слични содржини