Над еден милион туристи од Северна Македонија ја посетиле Грција во 2018

од Vladimir Zorba
150 прегледи

 Над еден милион туристи од Северна Македонија, во текот на 2018 ја посетиле Грција, со 155 милиони ноќевања, а приходите за јужниот сосед од нашите туристи, минатата година, достигнале до 155 милиони евра, според статистичките податоци во годишниот извештај од Банката на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Во периодот јануари-декември 2018 година, 1.187.200 Македонци ја посетиле Грција, што е за 24,5 отсто помалку во споредба со 2017.

Доколку се направи споредба од годишните извештаи на Банката на Грција за последните четири години, се забележува тренд на опаѓање на бројот на туристи од земјава. Од 2015 до 2018, за два и пол пати е намален бројот. Пред четири години, Грција ја посетиле над три милиони туристи од Северна Македонија.

Поконкретно:

2015 година – 3.023.100 туристи

2016 година – 1.721.100 туристи

2017 година – 1.571.500 туристи

2018 година – 1.187.200 туристи.

Намалување се забележува и во бројот на ноќевања. Во текот на 2018, регистрирани се 155.258.000 ноќевања на туристи од Северна Македонија, 13,6 отсто помалку во споредба со 2017, кога имало 179.696.900 преноќувања на туристи од земјава.

Туристичкиот профит за Грција од туристите од Северна Македонија, за 2018 достигнува 155,3 милиони евра, 13,6 отсто помалку во споредба со 2017.

Во 2015 кога бил регистриран и најголем број туристи од земјава што ја посетиле Грција, приходите за јужниот сосед достигнале до 247 милиони евра.

Во годишниот извештај од Банката на Грција, детално се објавени статистичките податоци за туристички пристигнувања според земјата на потекло на туристите, бројот на ноќевања според земјата на потекло, како и туристички приходи за Грција. Вклучени се земјите членки на ЕУ од евро зоната (Австрија, Белгија, Франција, Германија, Италија, Холандија и Кипар), земјите што се вон еврозоната (Данска, Обединетото Кралство, Шведска и Бугарија) и други, останати земји (Швајцарија, САД, Република Северна Македонија и Русија).

Во однос на општата слика, во 2018 за 9,7 отсто е зголемен бројот на туристички пристигнувања во споредба со 2017. Минатата година, биле регистрирани 33.072.000 туристи во Грција, објави МИА.

Најбројни биле туристите од Германија, 4.381.400, а со тоа, минатата година, Грција од нив имала и најголем профит 2961 милиони евра.

Слични содржини