Надал: Би сакал да играм двојки со Алкараз на Олимпијадата во Париз

од Vladimir Zorba
174 прегледи

Рафаел Надал конечно го кажа она што цела Шпанија го чекаше, а тоа ќе ги израдува сите вистински љубители на тенисот.

– Би сакал да играм во двојки со Карлос Алкараз на Олимпијадата во Париз – изјави тој во интервју за шпанската национална телевизија. – Мојот план е да играм, иако се уште не знам во кои натпреварувања. Тоа ќе го одлучам во наредните месеци, но навистина би сакал да играм во пар со Карлос, порача Рафа.

Надал е единствениот од големата тројка кој освоил златен медал во сингл на Олимписките игри. Роџер Федерер има злато во двојки со Стен Вавринка, додека Новак Ѓоковиќ ја освои бронзата во сингл. На најдобриот тенисер на сите времиња му недостига само овој триумф и затоа секогаш истакнува дека неговиот најголем сон до крајот на кариерата е да го освои златото.

– Сакам да играм на Олимпијадата без разлика што ќе се случува на Ролан Гарос – потсети Надал дека оваа година на ист стадион се одржуваат два големи настани.

Јасно е дека, доколку ситуацијата со повредата не се реши позитивно, многу полесно би можел да учествува во двојки или мешани двојки на ОИ, бидејќи физичкиот напор е многу помал. На крајот на краиштата, Роџер Федерер се збогуваше со тенисот играјќи двојки на Лејвер купот бидејќи неговото тело не можеше да се справи со сингл.

Шпанецот уште еднаш истакна дека не е сигурно дека за околу еден месец ќе се бори за Купот на мускетарите, кој го има освоено рекордни 14 пати.

– Во овој момент едвај можам да помислам да играм на стадионот Филип Шатрие, но сакам да си дадам можност дотогаш да ми се подобри ситуацијата – објасни тој. – Немам императив да играм, веќе немам тениски сон, но уживам во тренинзите и натпреварите, се разбира кога здравјето ми дозволува. Сè уште има денови кога се е во ред и денови кога се е тешко. Мојот единствен план сега е да не се повредам повторно, бидејќи ако тоа се случи, готово е, обзнани тој.

Надал на прес-конференцијата истакна дека нема да учествува на Ролан Гарос доколку дотогаш не му се подобри состојбата.

Неговиот прв натпревар на Мастерсот во Мадрид е закажан за денеска по 17 часот. Противник е 16-годишниот Американец Дарвин Бланч, само 1.028. во светот кој доби вајлд-карта. Ова е веројатно вистинскиот ривал за првиот меч на Надал, за да влезе на турнирот без премногу труд.

Надал веќе изјави дека тоа е веројатно неговото последно учество во Мадрид, а во второто коло го очекува многу потежок меч, се разбира доколку телото го издржи дуелот со Бланч. Таму веќе го чека Алекс де Минор, кој минатата недела лесно го совлада Рафа во Барселона. Стилот на игра на Австралиецот, многу долги поени во кои не дава ништо, најмалку му одговара на Шпанецот во моментов.

Ако е здрав, тенисот на Де Минор на земјена подлога би бил лесен плен за Надал, но сега секој долг поен за него е тортура.

Слични содржини