Рафаел Надал дефинитивно нема да игра на претстојниот УС Опен. Четврти по ред, а воедно и последен Гренд слем сезонава е на програмата од 26 август до 8 септември и како што засега стојат работите, на него нема да го видиме шпанскиот тенисер.
Како што откри Надал преку социјалните мрежи, бидејќи не може да даде 100 проценти од себе, освојувачот на 22 Гренд слем трофеи решил да се повлече од УС Опен, додека негов следен турнир ќе биде Лејвер купот во Берлин, кој е закажан за 20. до 22 септември.
„Одлучив да не се натпреварувам на овогодинешниот УС Опен, место каде што имав прекрасни спомени. Ќе ги пропуштам тие специјални ноќни сесии во Њујорк на „Еш“, но мислам дека нема да можам да дадам 100 проценти. Благодарам на сите мои фанови, ќе ми недостасувате. Среќно на сите на секогаш одличниот УС Опен. Мојот следен турнир ќе биде Лејвер купот во Берлин“, напиша Надал на социјалните мрежи.
На Олимписките игри во Париз беше елиминиран од Новак Ѓоковиќ во второто коло, а играше и во двојки со Карлос Алкараз.
Шпанецот четири пати го освојуваше трофејот во Њујорк, последен пат во 2019 година.