Надал: Ќе ми треба време да одлучам што сакам да правам по пензионирањето

од Vladimir Zorba
17 прегледи

Рафаел Надал сподели дека се уште нема конкретни планови за животот по тенисот. 22-кратниот Гренд слем шампион вчера го одигра еден од своите последни натпревари, губејќи од Новак Ѓоковиќ на егзибицискиот турнир „Six Kings Slem“ во Ријад. Надал го коментираше неговиот настап на натпреварот, како и односот на навивачите кон него во текот на кариерата.

„Натпреварот беше битка, иако сосема поинаков од оние што обично се бориме јас и Новак. Сепак, тоа беше интересен меч, особено во вториот сет. Во првиот не се снајдов најдобро бидејќи немав речиси никаква пракса на теренот од Олимпијадата и затоа ми требаше време да го најдам својот ритам. Да се ​​игра против Ѓоковиќ е секогаш возбудливо, бидејќи имаме неверојатна и многу долга историја со него“, рече Шпанецот на прес-конференцијата по натпреварот.

Надал беше прашан дали сака да испрати порака до навивачите.

„Се сметам себеси за многу среќен затоа што патував низ целиот свет и на секој турнир ја чувствував љубовта на луѓето. Тешко е да се опише ова чувство, но енергијата и задоволството што ви ги дава поддршката од навивачите е нешто многу посебно. Не можам доволно да ви се заблагодарам за тоа“.

Рекордерот по освоени титули на Ролан Гарос прокоментира и дали веќе има конкретни планови за живот после тенисот.

„Ќе има огромна промена во мојот живот. Ќе ми треба малку време да одлучам што сакам да правам во иднина. Спортист сум од мал, тоа е цел живот, 30 години. Сега сум фокусиран само на „Дејвис купот“. Сакам да извлечам максимум од последните неколку недели како играч. Ќе се подготвам на најдобар можен начин да бидам конкурентен во Малага. Потоа ќе размислам малку и ќе видам. Не брзам и немам потреба да се ставам под притисок“, истакна Шпанецот.

Слични содржини