Надал по поразот во „Дејвис купот“: Да бев селектор, немаше да се изберам за првиот натпревар

од Vladimir Zorba
24 прегледи

Рафаел Надал вели дека можеби немаше да се стави на натпреварот против Холандија доколку беше селектор на Шпанија. Тој го одигра веројатно последниот меч во кариерата во кој беше поразен од Ботик ван де Зандшулп.

Искусниот шпански тенисер речиси сигурно стави крај на кариерата, барем во сингл, а сега спасот го бара во Карлос Алкараз и во двојки, бидејќи Шпанците треба да направат пресврт во четвртфиналето на Дејвис купот за тој да има шанса повторно да одигра професионален натпревар.

Надал на прес-конференцијата по натпреварот ја коментираше одлуката на тренерот Давид Ферер да го вклучи во сингл составот, а не Роберто Баутиста Агут.

„Веќе кажав, не беше моја одлука да играм. Затоа имаме селектор. Тој донесе таква одлука со која сите мора да живееме. Да бев селектор, веројатно немаше да се ставам себеси! Тоа беше одлука и се надевам дека беше добра. Тоа можеби беше мојот последен натпревар. Првиот го загубив за Дејвис купот, можеби го загубив и последниот (се смее), но така е“, изјави Надал.

Последните денови многу се зборуваше дали Рафа воопшто ќе игра во Малага.

„Се разбира, тоа не беше лесна одлука за капитенот, но на крајот верувам дека Давид стави играч за кој знае дека може да победи. Верувам во тоа. Мислам дека имаше притисок да ме избере, имаше многу за разговор во текот на неделата, знаев дека вакво нешто може да се случи, добро тренирав, Давид беше сигурен дека јас сум играчот што треба да игра“, рече Надал и подвлече:

„Работите можат да одат добро, понекогаш и лошо. Беше ризично да се игра првиот натпревар, но таква е ситуацијата, тој ја носи таа одлука, а тој е селектор и прави се што е најдобро за селекцијата. Дури му дадов повеќе шанси да го стави Роберто (Баутиста Агут), но тој сепак се одлучи за мене. Обајцата трениравме, тој се одлучи за мене и мило ми е што ми веруваше“.

Слични содржини