Додека Ролан Гарос влегува во финалето, веќе малку заборавениот Рафаел Надал повторно напорно тренира. Рекордерот по број на титули во ПАриз имаше тешка ждрепка и веќе беше елиминиран во првото коло од Александар Зверев. Додека Германецот е во полуфиналето, Шпанецот сонува да се врати на омилениот стадион во втората половина на јули и се бори за нов успех.
– Рафа тренира во неговата академија во Манакор и се надева на медал – изјави Бенито Перес Барбадиљо, неговиот менаџер за односи со медиумите, во интервју за „Убитенис“.
Во тој пораз од Зверев, Надал делуваше доста подготвен, иако беше јасно дека пропушта натпревари. Она што му беше најважно е што не ги почувствува последиците од бројните повреди. Сега може само да се надева дека ќе ја подобри формата до враќањето во Париз, иако тоа нема да биде лесно. На сите турнири на земјена подлога оваа пролет имаше многу „чкрипење“ во неговиот тенис.
– Рафа нема никакви физички проблеми и затоа сите се надеваме дека ќе пристигне на Олимпијадата со доволно натпревари за да ја подобри формата – додава Перес – Тоа ќе биде посебен турнир за него бидејќи ќе игра на домашен терен. Стадионот „Шатрије“ е неговиот втор дом. Конкуренцијата ќе биде жестока, Јаник Синер, Карлос Алкараз, но пред се Новак Ѓоковиќ бидејќи никогаш не победил на Олимпијадата. Ќе биде големо натпреварување и Рафа ќе биде подготвен, додаде тој.
Она што се уште не е познато е дали Надал ќе игра на Вимблдон или ќе тренира постојано на земјена подлога и ќе се појави на теренот кога по лондонскиот Грен слем има две недели турнири на оваа подлога пред почетокот на Олимпијадата. .
Шпанија сега се врти кон полуфиналето на Гарос, каде играат Алкараз и Синер, но вистински фаворит нема.
– Нивното ривалство веќе започна и мислам дека шансите се поделени 50:50 – вели Перес – Карлос беше број 1, Јаник ќе стане тоа во понеделник. Тие веќе имаат освоено три Гренд слема заедно, очекувам нивното ривалство да биде во центарот на вниманието во наредните години. Тие можат да станат наследници на големата четворка, иако нема да биде воопшто лесно да се има континуитетот и бројот на освоени титули на Надал, Ѓоковиќ и Федерер. Сигурен сум дека ќе уживаме во нивното ривалство бидејќи и двајцата се одлични момци и совршени личности за нашиот спорт, истакна менаџерот.