Што и да одлучи сега Рафаел Надал за кариерата, едно е сигурно. Нема да го видиме повеќе на Олимпијадата. Тоа го истакна веднаш по елиминацијата во двојки, последно натпреварување во кое беше во Париз.
– За мене заврши еден циклус, сега треба да седнам да анализирам како се чувствувам и да одлучам што понатаму – истакна Шпанецот кој по убедливиот пораз од Новак Ѓоковиќ во сингл пред неколку дена, изјави дека ќе одлучи дали да ја продолжи кариерата или да се пензионира кога ќе заврши Олимпијадата. – Си одам дома и за неколку дена, кога ќе се оладам, ќе одлучам што понатаму. Имам целосна слобода да ја донесам таа одлука.
Сигурно е дека нема да му биде лесно.
– Последните месеци беа емотивни бидејќи повторно играв тенис, но и тешки бидејќи поминав низ многу комплицирани моменти. Имаше големи работи, но и разочарувања. Сега треба да го анализирам сето тоа и да видам како се чувствувам. Јас сум мирна личност, ми треба повеќе време да донесам одлука.
Се надеваше на медал барем во двојки, особено што друштво му правеше Карлос Алкарас, но во конкуренција на двојки често е поважна координацијата од индивидуалниот квалитет. Тоа го докажаа Американците Ражив Рам и Остин Крајичек кои веројатно полесно отколку што некој очекуваше победија во четвртфиналето со 6:2, 6:4.
– Во сингл немав квалитет да се борам за медал, а во двојки одигравме на добро ниво, но тоа не беше доволно. Не почнавме добро и не можевме да надоместиме. Нема потреба ништо да анализираме, едноставно не бевме доволно добри. Единствено што сега ќе анализирам е со кој авион да се вратам дома – се насмеа Шпанецот кој освои два златни медали, во 2008 година во Пекинг во сингл и во 2016 година во Рио де Жанеиро во двојки.
Надал се уште е на влезниот список за УС Опен, кој започнува на крајот на август. Воедно тој се најде и на списокот на Давид Ферер, селекторот на Шпанија за финалето на Дејвис купот. Во втората половина на септември Шпанија ќе игра во Валенсија во полуфиналната група, а потоа најверојатно во ноември ги чека завршниот турнир во Малага.
Затоа може да има опција Рафа да се прости од тенисот на домашен терен во репрезентативен дрес, а можеби и да одлучи да продолжи да игра во 2025. За неколку дена ќе се знае повеќе за плановите на еден од најголемите тенисери во историјата.