Надал за Вимблдон: Алкараз фаворит, Ѓоковиќ пред Синер

од Vladimir Zorba
12 прегледи

Последните две големи финалиња, Мастерсот во Рим и Гренд слемот на Ролан Гарос, ги играа двајцата најдобри играчи во светот во моментов. Карлос Алкараз го победи Јаник Синер, официјалниот број 1, и во двата, но Тони Надал не верува дека тенискиот свет ќе биде сведок на нивна трета последователна пресметка – на Вимблдон.

Пред околу две децении, Роџер Федерер и Рафаел Надал играа големи финалиња во серија, а потоа тогаш младиот Новак Ѓоковиќ им ја расипа работата. Новак повеќе не спаѓа во категоријата млади играчи, напротив, сега е ветеран, но чичко Тони верува дека тој сè уште има капацитет да ги расипува тениските забави.

– Не гледам никого кој, под нормални околности, може да ги наруши плановите на Карлос на Вимблдон – убеден e во својата колумна за „Ел Паис“ дека неговиот сонародник е главен фаворит за освојување на трета последователна титула. „Не гледам никого кој сериозно може да го забави. Особено затоа што доаѓа полн со самодоверба и ментална сила“.

Тони го става Ѓоковиќ на второто место меѓу фаворитите, пред Синер. Причината е пропуштената шанса на Италијанецот да ја искористи својата огромна предност против Шпанецот во финалето на неодамнешниот Ролан Гарос и да победи.

– Јаник е свесен дека не можел да ги контролира нервите во клучните моменти и има мали шанси ова горчливо сеќавање да не му се врати – објаснува Тони.

Ѓоковиќ и Синер би можеле да се сретнат во полуфиналето.

– Секако, Вимблдон е специфичен турнир и честопати се случувало сите прогнози да паднат во вода. Ќе наидете на Бен Шелтон или некој друг опасен сервер кој има свој ден и главите на носителите почнуваат да се тркалаат, додаде тој.

Слични содржини