Надлежните да почнат да произведуваат струја која ќе завршува како помош во стопанството, апелира Мицкоски

од Vladimir Zorba
150 прегледи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски запрашан денеска околу неговата изјава дека компаниите плаќаат драстично поголема цена за струјата, за што надлежните негираа дека тоа е така, одговори дека не очекува надлежните да излезат и да признаат дека се неспособни да менаџираат со електро-енергетскиот сектор, а вистината е дека македонските бизнисмени плаќаат повисока струја од нивните колеги во регионот.

„Вистината е дека македонските бизнисмени, според Еуростат, не според ВМРО-ДПМНЕ, во втората половина од 2021 година плаќаат и двојно повисока цена за струјата од нивните колеги на пример во Косово. Плаќаат поскапа струја од нивните колеги во Србија, во Црна Гора, во Турција и буквално секаде, односно тие стануваат сѐ понеконкурентни и за жал голем дел од нив ќе мораат бизнисите да го затвораат, а со тоа голем број наши сограѓани ќе останат без егзистенција за своите семејства“, истакна Мицкоски.

Тој исто така упати и апел до надлежните да почнат да произведуваат струја која ќе завршува како помош во стопанството.

„Јас апелирам до надлежните, наместо да продолжат со својата тврдоглавост, да се зафатат со работа и да му овозможат на бизнисот и стопанството во овие тешки времиња да преживеат бидејќи тоа се хероите на ова време кои што секој месец се борат да обезбедат егзистенција за вработените“, потенцираше Мицкоски.