Денес, Велика Британија ја дочека Новата 2021 година и новиот живот надвор од Европската унија (ЕУ) и досега не е забележано никакво вознемирување, особено во сообраќајот, иако остануваат многу непознати нешта, оценила агенцијата Франс Прес.
Големиот поддржувач на Брегзит, британскиот премиер Борис Џонсон, во изјава за „Дејли телеграф“, вети „година на промени и надеж“, четири и пол години од референдумот на кој Британците гласаа за напуштање на ЕУ.
Велика Британија синоќа во 23 часот по Лондон и на полноќ по средноевропско време го напушти единствениот пазар на ЕУ и царинската унија, додека на 31 јануари политички ја напушти Унијата.
Историските измени на правилата за патување, трговија, имиграција и безбедност стапуваат на сила.
Ќе бидат потребни неколку дена за сообраќајот да го направи првиот биланс на излегувањето на Велика Британија од царинската унија и единствениот пазар на ЕУ.
Сообраќајот околу британското пристаниште Довер денес беше мирен. Околу 200 камиони поминаа низ тунелот под Ла Манш.
Франс прес проценува дека првиот сообраќаен метеж ќе биде следната недела кога ќе завршат новогодишните празници.