Надзорот е еден од суштинските елементи од реформите на разузнавањето, и без соодветен надзор на безбедносно-разузнавачките служби тие може да станат алатка за авторитарно владеење. Оттука отчетноста на разузнавачките служби е од клучно значење за сите демократски држави и неопоходно е да се воспостави рамнотежа меѓу безбедноста и почитувањето на човековите права.

Ова беше истакнато денеска на промоцијата на публикацијата „Насоки за надзор над разузнавањето“ во Собранието на Република Македонија, изработена од Женевскиот центар за контрола на вооружените сили (ДЦАФ).
– Безбедноста и разузнавањето се сектори кои во природата на своето работење, доаѓаат во судир со човековите права и слободи меѓутоа, во исто време, иако можеби ќе звучи контрадикторно, овие сектори се и еден од столбовите на безбедноста и стабилноста на секоја држава. И, сега се наметнува прашањето, како да се надмине оваа противречност? Одговорот е многу едноставен, барем на прв поглед, а тоа е функционирање на правната држава, рече во своето обраќање претседателот на Собранието Талат Џафери.
Посочи дека меѓународните стандарди за заштита на човековите права и слободи и владеењето на правото, налагаат работењето и овластувањата на овие служби да биде дефинирано со Закони кои се јасни и лесно разбирливи.
– Аферата со прислушувањето која пукна на почетокот на 2015 година потврди дека, без ефикасен парламентарен надзор врз безбедносните и разузнавачките системи, тие прераснуваат во значајна алатка на авторитарно владеење на тесна група луѓе, а во исто време, и за задоволување на нивните лукративни интереси. Сега надлежноста е во рацете на судската власт и јас сум убеден дека судовите самостојно и суверено ќе пресудат за секого кој се огрешил од законот и кој ги злоупотребил овие системи, рече Џафери.
Истакна дека една од новините во новиот Закон за следење на комуникациите е формирањето Граѓански совет за надзор, тело кое е надвор од Парламентот но кое во својата работа е тесно поврзано со Собранието, како и тоа дека секој граѓанин кој се сомнева дека му се следи комуникацијата, може да поднесе претставка до Советот кој заедно со надлежната Комисија ќе треба да утврди дали имало прекршок.
– Со овој Закон се формира и ОТА, односно Оперативно техничката агенција, со што се отстрануваат техничките можности на Управата за безбедност и контраразузнавање да врши следење на комуникациите, тоа ќе го прави ОТА и тоа исклучиво со судски налог, додаде Џафери.
Заклучи дека современиот парламентаризам не подразбира само носење закони туку уште поголем надзор врз нивната имплементација, особено кога станува збор за остварувањето, односно кршењето на човековите права.
Амбасадорот на Холандија во Македонија Ваутер Пломп потенцира дека парламентарниот надзор врз разузнавачките служби е суштински елемент од реформата на разузнавачкиот систем што води кон подобра демократија.
– Ова е доказ за демокатска држава и сите мора да ги почитуваат правилата на транспарентност и отчетност. Сите служби мора да работат во интерес на граѓаните и да се осигура безбедност и заштита на граѓаните и на државата од сите видови закани без какви било коруптивни девијации, рече Пломп, додавајќи дека Македонија се уште има многу работа на овој план, и оти мора да се воспостави и граѓански совет за надзор, а правилата мора да се применат и во практика.
Британската амбасадорка во Македонија Рејчел Галовеј, истакна дека отчетноста и соодветното функцонирање на разузнавачките служби во државата е од клучно значење и потребно е да се воспостави рамнотежа меѓу безбедноста и поочитувањето на човековите права.
– Во Македонија постоел систем за парламентарен надзор но тој имал многу недостатоци, така што оваа публикација има насоки ги вклучуваат научените лекции во однос на разузнавачките системи и се во насока на воспоставување соодветен надзор и заштита на човековите права, рече Галовеј.
Лукаш Холуб, одговорен за политички прашања, правда и внатрешни работи во Делегацијата на ЕУ во Македонија, рече дека следните шест до седум месеци се суштински за судбината на земјава.
– Сите политички партии ја поддржуваат интеграцијата на Македонија во ЕУ, и сега сте поблизу до членство во ЕУ од кога и да било претходно. Членките на Унијата наведоа дека овој процес ќе почне во јуни идната одина и затоа е време да ги засукате ракавите и да вложите огромен напор во насока за подобри услови за вашата земја, рече Холуб.
Сите три власти, извршната, законодавната и судската, посочи тој, имаат еднаква улога и одговорност за спроведување на сите потребни работи, еден дел е и разузнавањето и реформата во овој систем е добар пример како се вклучуваат сите три власти во еден елемент.
– Често системот за разузнавање може да биде злоупотребен. Масовното незаконско прислушување, што се покажа во 2015 година, беше еден од симптомите за политичката криза. Имаше голема злоупотреба на моќта сконцентрирана во една институција, посочи Холуб.
Андреј Рупник виш експерт од ДЦАФ, кој е од Словенија, се осврна на тоа што би се случило доколку нема контрола во оваа област и го посочи примерот со неговата земја.
– Во Словенија порано надзорот во Парламентот се сведуваше на обичен разговор: „Дали работите – да, ние сме најдемократско општество и одговори од типот – да, да секако“. Кога беа посочени сите недостатоци во оваа служба Владата се загрижи и основаше работна група во која членуваа неколку министри со цел да се има потемелен преглед. Беше вклучен Парламентот, потоа и кавното обвинителство , инспркцијата за јавни службеници, за буџет…, рече Рупник.
Истакна дека доколку луѓето не се под контрола, тие добиваат на моќ и имаат тенденција да заборават што е чесност, пристојност, достоинственост и како да го почитуваат законот.
– Со тек на време научија дека некои од работите за кои сметале дека се добри биле сосема погрешни. Во Македонија не сте исклкучок, понекогаш кога нема контрола може да дојде до злоупотреба или погрешна употреба, тоа се случува секаде. Еден од најголемите примери како работите можат да тргнат во погрешна насока е тероризмот. Човековите права никогаш не биле токку предмет на злоупотреба, посочи Рупник.
Хари Локвенец, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност истакна дека соработката со Женевскиот центар за контрола на вооружените сили (ДЦАФ), се интензивираше од ноември 2017, што резултираше со потпишување на Меморандум за разбирање со Владата на РМ и Собранието на РМ во мај 2018.
– Во рамки на оваа соработка Палраментот и ДЦАФ го спроведуваат проектот развој на парламентарен и независен надзор, како дел од пошироката програма на ДЦАФ за реформа на разузнавачкиот сектор во РМ. На барање и со придоенс на парламентарните комисии задолжени за надзор врз разузнавањето ДЦАФ изработи уникатен производ наменски дизајниран и приспособен на специфичноста на македонската правна ртамка и системот за надзор, рече Локвенец.
Насоките за надзор врз разузнавањето е инклузивен процес, рече Локвенец, додавајќи дека тој се заснова стриктно на меѓународните принципи за одговорност на разузнавањето и на научените лекции, искуства и позитивни практики од европските парламенти.
Трајко Вељановски, претседател на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразунавање и Агенцијата за разузнавање, рече дека безбедносните структури неминовно се во фокус на политичките збиднувања, а девастацијата во општеството се случува кога има употреба, односно злоупотреба на истите, а со тоа во државата се загрозуваат демократските процеси.
– Денес од особено значење е парламентарната контрола врз безбедносниот сектор во Македонија, бидејки потоечкиот досегашен модел во јавоста можеби е прифатен како слаб и неприменлив во практика, иако согласно Уставот и законите контролата ја остварува Парламентот но досегашниот впечаток е дека таа е формална, а не суштинска, истакна Вељановски.
Собранието треба да ја има моќта, а воедно и капацитетот да воспстави контрола над овие структири и од особена важност е да се избегне било каква политизација или вклученост на службите во политичките игри.
Емил Димитриев, претседател на Комисијата за надзор над имплементацијата на специјалната истражна мерка следење на комуникации, посочи дека кога дошол на чело на Комисијата пред година и половина, а наследил два листа деловник за работа на комисијата, а вршењето контроли врз системоит за безбедност буквално, како што рече, се сведувало „на пиење кафе и ништо друго“. Тоа што комисијата немала поддршка ниту од технички персонал, рече тој, само по себе покажува каков бил фокусот на работењето на комисијата во претходниот период.
– Јавноста со право очекува од нас да ја вршиме нашата работа максимално професионално, бидејќи тоа директно влијае на перцепцијата на јавноста кон институциите на системот и нивната сигурост и елемнатрните човекови права да не бидат загрозени. Затоа е осмислен тој т.н надзор врз системот за безбедност чија суштина е едно мало подрачје да се остави на опозицијата да се вгради во процесот на довербата на инстицуиите. Било каква интервенција да се стесни тој простор на опозицијата ќе влијае директно на намалување на вредноста на инвестицијата наречена доверба кон институциите, рече Димитриев.
Оцени дека опозицијата, од друга страна, мора да биде на ниво на задачата и максимално професионална, да не меша политика во оваа област, бидејќи тоа се области кои не трпат политика.