Зоологот од Рим, Андреа Лунерти изјави дека италијанската престолнина станала „вистинска џунгла“ затоа што поради комбинацијата на високи температури и постојаниот проблем на градот со ѓубрето, има нагло зголемување на популацијата на стаорци, змии, стршлени и галеби.
Лунерти, кој во Рим е познат по фаќањето опасни животни, вели дека летово бил преплавен со повици, особено поради зголемениот број на змии, пишува лондонски „Гардијан“.
„Има многу повеќе пријавени средби меѓу луѓе и змии отколку порано. Популацијата на змии растеше експоненцијално во текот на зимата бидејќи температурата беше висока за зимскиот период. Змиите не би преживеале ако е студено. Тие потоа доаѓаат во градот од нивната природна средина бидејќи има многу отпад од храна, а каде што има отпад од храна има стаорци, главна храна на змиите“, рече Лунерти.
Најчестиот вид на змии пронајден во Рим е зелената камшичка змија, но Лунерти вели дека има и отровни.
„Ги наоѓаме на балкони, во градини, во училишта. Најдовме една обесена на решетката врата од лифтот во станбена зграда каде предизвика голема паника“, изјави Лунерти.