Нафтата продолжува да поскапува пред состанокот на ОПЕК +

од Vladimir Zorba

Лесната сурова нафта надмина 75 американски долари за барел откако бележи поскашување петта недела по ред, а сортата Брент ја достигна највисоката цена од октомври 2018 година. Резервите на нафта во САД се намалуваат и се близу до најниското ниво во последните три години. Во исто време, зголемувањето на цените на природниот гас најверојатно ќе доведе до уште поголема побарувачка за нафта.

Нафтата се зголеми за повеќе од 80% во последната година поради закрепнувањето од падот на побарувачката предизвикано од пандемијата. Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините партнери, како што е Русија, постепено ги олеснуваат ограничувањата за снабдување и овозможуваат затегнување на пазарот. И екстремните временски настани во Соединетите држави го ограничија локалното производство.

„Севкупната загриженост за тесните услови на пазарот продолжува да ја поддржува цената на нафтата“, рече Ворен Патерсон, шеф за стратегија во „ИНГ Гроп НВ“. „Изгледа дека побарувачката ќе биде поголема од очекуваната на краток рок“.

Со почетокот на четвртиот квартал и почетокот на зимата на северната хемисфера, многу пазарни аналитичари предупредуваат дека очекуваат цените на нафтата да продолжат да растат. Од „Голдман Сакс Груп Инк“ веруваат дека дефицитот на пазарот е поголем од очекуваното и ја зголеми проценетата вредност на сортата Брент до крајот на годината за 10 долари на 90 долари за барел.

Во Citigroup Inc. остануваат позитивни за цената на нафтата и гасот. Во понеделникот, американските фјучерси за природен гас пораснаа трет ден по ред, а резервите на гориво остануваат ниски пред грејната сезона.

На 4 октомври ќе се одржи состанок на земјите од ОПЕК + за да се разговара за политиката на екстракција, а групата во моментов ја зголемува понудата за 400.000 барели дневно. Пред состанокот, групата ќе ја објави годишната прогноза за нафтата.

„Ако цените продолжат да растат до состанокот, не исклучувам поагресивно олабавување“, рече Патерсон.

Слични содржини