Нафтена криза ѝ се заканува на економијата: Глобалната рецесија е реално сценарио

Затворањето на теснецот би можело да ги покачи цените на нафтата од сегашните 70 долари на повеќе од 100 долари за барел

од Кристијан Димков
56 прегледи Фото: Принтскрин/WSJ

Изминатата недела на западните берзи беше обележана со мешано расположение на инвеститорите. Додека европските пазари остварија мал пораст – лондонскиот FTSE 100 порасна за околу два проценти – берзите во Њујорк се вратија во црвено. Падот беше предводен од финансискиот сектор и информатичката технологија, а распродажбата беше особено изразена во петокот, кога банкарскиот индекс KBW потона за околу пет проценти. Дополнителен притисок предизвика падот на акциите на „Nvidia“, и покрај уште еден квартал од рекордни профити.

Од друга страна, енергетскиот сектор се издвои како победник на неделата, а растот може да продолжи, бидејќи се очекува силен скок на цените на нафтата по драматичните случувања на Блискиот Исток

Иранската револуционерна гарда објави дека Ормутскиот теснец е затворен за бродови по нападите на САД и Израел, објави SEEBiz. Повеќе од 14 милиони барели сирова нафта беа транспортирани низ овој стратешки премин секој ден минатата година, што претставува околу една третина од глобалниот извоз извршен по морски пат.

Затворањето на теснецот би можело да ги покачи цените на нафтата од сегашните 70 долари на повеќе од 100 долари за барел. Доколку оваа ситуација продолжи, ќе биде тешко да се избегне глобална рецесија. На почетокот на новата недела се очекува зголемен притисок врз берзанските индекси, бидејќи пазарите традиционално силно реагираат на прекините во снабдувањето со енергија.

На крајот од неделата, вниманието беше насочено и кон растот на инфлацијата на големо во САД. Индексот на цените на производителите (PPI) порасна за 0,5 проценти на месечна основа во јануари, додека беше забележано годишно зголемување од 2,9 проценти. Економистите очекуваа раст од 0,3 проценти.

PPI се смета за сигурен индикатор за идните потрошувачки цени, па затоа ваквите податоци укажуваат на дополнителни инфлаторни притисоци. Сè поизвесно е дека царинските мерки на администрацијата на Доналд Трамп влијаеле на целиот снабдувачки синџир и ќе продолжат да вршат притисок врз цените. Во комбинација со зголемувањето на цените на нафтата и тензиите на Блискиот Исток, очекувањата за инфлација дополнително се влошија.

Аналитичарите на UBS ја намалија својата проценка за американскиот берзански пазар, предупредувајќи на ризици поврзани со слабеењето на доларот, високите проценки на компаниите и политиките на Белата куќа. Факторите кои со години ги туркаа американските акции пред другите пазари сега ослабуваат – вклучително и намалувањето на откупот на акции од страна на корпорациите.

„UBS“ проценува дека еврото би можело да достигне 1,22 долари до крајот на првиот квартал. Истовремено, пазарите надвор од САД имаат подобри резултати од Волстрит. Со исклучок на американските компании, индексот MSCI World порасна за 8% оваа година, додека S&P 500 е речиси на исто ниво како и на почетокот на годината. Токискиот „Nikkei“ 14%, а пан-европскиот STOXX 600, 6%.

Доколку продолжат прекините во снабдувањето со нафта, глобалната економија би се соочила со комбинација од растечки цени на енергијата, посилни инфлациски притисоци и пад на довербата на инвеститорите – сценарио кое историски често доведувало до рецесии. Прашањето е колку долго пазарите би можеле да издржат таков притисок.