Тренерот на Баерн (Минхен), Јулијан Нагелсман сподели дека е многу задоволен од потписот на Матаис де Лихт. Холандскиот дефанзивец веќе им се приклучи на Баварците откако Јувентус се согласи да го продаде за 67 милиони евра.
„Мило ми е што трансферот е факт. Де Лихт е еден од најталентираните централни дефанзивци во светот, а се уште е многу млад. Тоа што не избра нас е голем знак и за Баерн и за Бундеслигата во целина. Се надевам дека ќе успее да постигне 7-8 гола“, сподели Нагелсман.
„Првпат разговарав со него пред еден месец. Како и Садио Мане, тој многу сакаше да дојде во Баерн. Матаис е одлично засилување“, потенцира тренерот на Баварците.
Не ја пропушти темата за разделбата со Роберт Левандовски. Најдобриот стрелец на Баварците се пресели во Барселона, а Нагелсман се прашува како каталонскиот клуб успеал да ги финансира нивните набавки ова лето.
„Барселона е единствениот клуб кој нема пари, но во исто време ги купува сите играчи што ги сака. Не знам како го прават тоа. Ова е чудно, дури и лудо“, прокоментира Нагелсман.
Барселона синоќа и официјално го објави потписот на Левандовски за 45+5 милиони евра. Полјакот за Баерн запиша вкупно 375 настапи и 344 гола.