Наглиот пад на цените на златото и среброто не ги загрижува аналитичарите

По повеќемесечниот историски раст, цените на златото и среброто забележаа остар пад кон крајот на минатата недела, откако претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, го избра Кевин Ворш за нов претседател на Федералните резерви. И покрај силниот ценовен шок, аналитичарите оценуваат дека станува збор за краткорочна корекција, а не за почеток на долгорочен надолен тренд.

од desk4
8 прегледи

По повеќемесечниот историски раст, цените на златото и среброто забележаа остар пад кон крајот на минатата недела, откако претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, го избра Кевин Ворш за нов претседател на Федералните резерви. И покрај силниот ценовен шок, аналитичарите оценуваат дека станува збор за краткорочна корекција, а не за почеток на долгорочен надолен тренд.

Во петокот, среброто изгуби и до 30 отсто од вредноста, додека златото поевтини за речиси 10 проценти. Овој пресврт доаѓа по период на силен раст, во кој среброто минатата недела достигна рекордни 120 долари за унца, а златото за првпат ја надмина границата од 5.600 долари.

Аналитичарите од Sucden Financial наведуваат дека благородните метали и натаму ја задржуваат својата долгорочна улога како „сигурно прибежиште“ за инвеститорите и прогнозираат можно умерено оздравување на цените.

Оптимистички прогнози и понатаму

Аналитичарите на JPMorgan остануваат оптимисти за златото и ја зголемија својата прогноза за крајот на годината на рекордни 6.300 долари. Според нив, растот на златото никогаш не е линеарен и тековната корекција претставува фаза на прилагодување, по што би следел нов раст, поттикнат од силната побарувачка од централните банки и инвеститорите.

Сличен став има и аналитичарот за метали на Deutsche Bank, Мајкл Хсу, кој ја задржа прогнозата за цена на златото од 6.000 долари до крајот на годината. Тој оцени дека пазарните услови не укажуваат на траен пресврт, туку дека падот е резултат на зголемена волатилност.

Апурва Шет од Samco Securities смета дека корекцијата е „здрава“, бидејќи привремено го лади прекумерниот оптимизам и создава основа за понатамошен раст.

Во текот на понеделникот цените останаа нестабилни. Среброто се тргуваше околу 76,9 долари, што е пад од околу два отсто, додека златото изнесуваше околу 4.651 долар, исто така со пад од два процента. И покрај тоа, овие нивоа и понатаму се значително пониски од рекордите забележани минатата недела.

Ефектот од изборот на Ворш

Падот на цените уследи кратко откако Трамп го објави изборот на Ворш, кој традиционално се смета за поддржувач на порестриктивна монетарна политика и помалку склон кон намалување на каматните стапки, фактор што обично негативно влијае врз цените на благородните метали. По неговата номинација, американскиот долар зајакна, што дополнително изврши притисок врз златото и среброто.

Сепак, дел од аналитичарите оценуваат дека толку драматичниот пад не може да се објасни само со изборот на Ворш. Новинарот на Bloomberg, Џон Степек, смета дека цените „отидоа предалеку и премногу брзо“, па корекцијата била прашање на време.

Во текот на 2025 година, златото ја зголеми вредноста за околу 65 отсто, а среброто дури за 150 проценти, раст поттикнат од пониските каматни стапки, геополитичките тензии и зголемената побарувачка за безбедни инвестиции. Иако некои експерти претходно предупредуваа дека пазарот е „прегреан“, мнозинството аналитичари и понатаму веруваат дека благородните метали ја задржуваат својата долгорочна инвестициска привлечност.