Управниот одбор на ПИОМ доби нов член по одлука на Владата донесена на седница на 3 февруари, со која Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), е именуван како претставник на синдикат што е репрезентативен член на Економскиот совет. Ваквата информација неодамна прв ја сподели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. Според него, членовите на КСС веќе немаат изговори за да не излезат како поддршка во барањата за повисоки плати.
„Ете затоа се против работниците, но работниците што се членови на КСС немаат повеќе изговори, нема повеќе знаете од партија не притискаат да се зачлениме таму, знаете директорите ни се закануваат да се приклучиме на КСС и сл. Наградата за сработеното не се крие, вистината е како шило, ќе вти, ќе вти и ќе испадне на виделина. Ако ова не е повик за будење, тогаш…“, објави Трендафилов.
Првиот синдикалец уште претходно обвини дека власта, наместо да разговара со тие што бараат раст на платите, ги „наградува“ оние што не притискаат на улица.
Паралелно со ова, Ралповски беше дел од разговорите во Владата во кои, заедно со претседателот на УПОЗ Трпе Деановски, беше постигнат договор за поединечни колективни договори и методологија за покачување на платите за дел од вработените во управата и правосудството. По договорот, Ралповски јавно изрази благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и до министрите, со порака дека преговорите треба да продолжат и за нов општ колективен договор во јавниот сектор.
Неодамна во гостување на телевизиска дебата, претседателот на КСС рече дека барањето на ССМ за покачување на минималната плата за плус 200 евра е популистичко барање. Вели дека сите сакаме да имаме 600 евра минималец, но објаснува дека посакува системско решение – промена на Законот за минимална плата и да имаме минимален работен час.