Најавениот протест во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) најверојатно ќе биде откажан, дознаваме од наши извори.
Причината за откажувањето на протестот е поради прифаќањето на едното барање, а тоа е покачување на платите на сите вработени во ЈСП за 2.800 денари.
Второто барање на вработените е подобрување на уловите на работа во ЈСП за кое начелно добиле „зелено светло“.
Пред неколку дена градоначалничката Данела Арсовска, посочи дека најавениот штрајк од страна на Независниот синдикат на ЈСП е политички мотивиран, појаснувајќи дека за за скалестото покачување на платите веќе било разговарано.
-Многу ми е жал. Тоа претпријатие е останато девастирано од претходното раководство. Тие не успеале да ги сервисираат ниту новите возила од 2019 година, а да не зборам за експонатите.Независниот синдикат не знам зошто покренува вакви активности, можеби и политички е мотивирано, бидејќи беше разговарано за скалесто зголемување во рамки на сите претпријатија. Тоа не е добро за нив како синдикат бидејќи го губат својот кредибилитет во процесот на преговарање, а го нарушуваат она што вработените го имаат, кажа Арсовска.
В.З.