Најавениот референдум од страна на ВМРО-ДПМНЕ е за внатрешно – партиска употреба, вели премиерот Димитар Ковачевски.
– ВМРО – ДПМНЕ е партија која беше против членство во НАТО, сега заедно со нивниот нов коалиционен партнер Левице се единствените две партии кои се против членството во ЕУ и тоа јасно го покажаа при гласањето за предлогот на ЕУ во однос на отпочнувањето на преговорите со Република Северна Македонија. Меѓутоа доминантниот број на пратеници 68 што ги претставуваат граѓаните донесоа одлука Република Северна Македонија да ги отпочне преговорите. Тој референдум што го зборува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е единствено заради нивна внатрешно-политичка употреба бидејќи нема политичка партија освен неговиот партнер Левица која е против НАТО и ЕУ и е за сојуз Централно-азиски некаков со Русија, да е против ЕУ, рече Ковачевски.
Премиерот смета дека ВМРО-ДПМНЕ треба идеолошки да расчисти кај себе дали сака да ја види државава во ЕУ или не.
– Оваа држава од денот на одржување на првата меѓувладина конференција го започна патот за зачленување во ЕУ. Од тој пат нема назад, нема ниту лево, а уште помалку десно односно кон истокот, така што сосема е нерелеватно барањето на ВМРО-ДПМНЕ за некаков референдум кое треба да биде изјаснување против зачленување во ЕУ, изјави Ковачевски.