Наместо оваа пролет, дури во четвртиот квартал годинава се очекува да започне изградбата на првите два, од вкупно 13 километри од автопатот Скопје – Блаце. Иако министерот за транспорт и врски Горан Сугарески уште во мај најави дека тендерот за избор на изведувач ќе биде објавен во јуни, а изградбата ќе започне на крајот на летото, од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека тендерот ќе биде објавен дури во текот на јули, јавува Алсат М.

„Тендерот за градежни работи очекуваме да се објави во текот на јули 2019 година. Основниот проект е готов и се чека позитивен извештај од завршна ревизија, за потоа да се објави тендерот заедно со техничката спецификација. Доколку постапката за избор на изведувач е успешна, очекуваме градежните работи да започнат во четвртиот квартал на 2019 година“, соопштуваат од Јавно претпријатие за државни патишта.
Министерот Сугарески пак, пред месец и половина, на 18 мај, во изјава за Алсат кажа дека првите километри од оваа автопатска делница која што е децениско барање на бизнис заедницата ќе почне да се гради најдоцна до август.