Најави за нестабилно време со дожд и грмежи од вечерва

од Nikola Popovski
53 прегледи

Управата за хидрометеоролошки работи предупредува на нестабилно време со пороен дожд и локално невреме. Како што информираат оттаму, под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, од денеска во вечерните часови почнувајќи од запад ќе има врнежи од дожд кои ќе се прошират насекаде во текот на ноќта.

„Во текот на ноќта на места врнежите ќе бидат поројни, пропратени со грмежи и засилен ветер“, се вели во соопштението од УХМР.

Во Скопје денеска навечер во текот на ноќта и утре ќе биде облачно со врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд (над 20 л/м2), грмежи и засилен ветер.

„Во случај на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворени простори и под осамени дрвја“, појаснуваат од УХМР.

Времето утре ќе биде претежно облачно и значително посвежо, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе има појава на невреме, со интензивен пороен дожд (над 30 l/m2 за 24 часа), грмежи, силен ветер (над 70 km/h) и услови за појава на град.

Во среда ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, а преодно стабилизирање на времето во четврток.

Под влијание на нова влажна и нестабилна воздушна маса врнежи повторно се очекуваат во петок.

Слични содржини