Автобусите на ЈСП Скопје нема да сообраќаат во понеделник доколку не се свика седница на Советот на Град Скопје за гласање за субвенционирање на претпријатието, се заканија денеска од репрезентативните синдикати во Јавното сообраќајно претпријатие.
-Тоа значи, доколку не донесат одлука до недела, 21 јануари 2024 година, во понеделник, вработените во базите и другите сектори, нема да работат, бидејќи не е исплатена во законски рок изработената декемвриска плата, велат од синдикатите.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска очекува одговорност од Советот.
-Оние одлуки што беа за редовното функционирање поврзани со буџетот на Град Скопје, уредно ги доставив до Советот и претседателот, дури свикав и една итна седница, која што тој одлучи со своето дискреционо право, точките кои беа најважни за претпријатијата на Град Скопје, да ги отстрани од дневниот ред. Како што можете да видите побаравме нова вонредна седница, истата сѐ уште не е свикана до овој ден. Јас се надевам дека прво одговорност ќе имаат со функцијата што ја имаат, доколку сакаат свесно да ги уништат претпријатијата, одговорноста е нивна, ние од наша страна се што сме можеле сме направиле, рече денеска Арсовска на прес-конференција.
Законски рок за исплата на декемвриската плата е 15 јануари, а следната редовна седница на Советот на Град Скопје е закажана за 31 јануари.
Ова не е првпат да биде најавен штрајк во јавниот градски превоз. Вработените во ЈСП, во октомври 2022 година по првпат ги оставија скопјани без јавен превоз откако решија да протестираат поради неисплатени плати. По два дена, автобусите на ЈСП беа вратени на улиците откако Градот обезбеди плата за вработените. Советот на Скопје донесе одлука за пренамена на средства за исплата на плати за вработените.