Најбогатите луѓе во Велика Британија се подготвени веднаш да ја напуштат земјата, доколку Џереми Корбин стане премиер, стравувајќи од евентуална промена во даночната политика и контролата на капиталот, пренесува „Гардијан“.

Адвокатите и сметководителите на најбогатите семејства во Велика Британија соопштија дека биле „преплавени“ од повици на милијардери и милионери кои бараат помош и совети во изборот на земја за да се преселат, пишува весникот.
Во исто време, тие префрлаат капитал во странство и склучуваат договори за подароци со своите деца, со цел да го избегнат ветувањето на Лабуристичката партија за оданочување на наследството, чија вредност надминува повеќе од 125.000 фунти.
Советниците посочија дека потенцијалната влада на Корбин претставува поголема закана за богатството и животниот стандард на еден процент од најбогатите, отколку „Брегзит“, пренесува „Ал Џезира“.
Џефри Тод, партнер во адвокатската фирма Boodle Hatfield, рече дека многу од неговите клиенти веќе подготвиле план да го пренесат своето богатство од земјата во рок од неколку минути ако Корбин биде избран за премиер.
„Многу богати луѓе се загрижени дека ќе мора да платат многу поголем данок на богатство и веќе се подготвени за можноста Корбин да формира влада. Трансферите на богатство се веќе дизајнирани – во многу случаи, на нив недостасуваат само потпис на документ“, рече Тод.