Откако спикерот Талат Џафери одлучи дека нема да има референдум, професорката Мирјана Најчевска коментирајќи ја одлуката посочи дека тој го прекршил Уставот и и плукнал во лице на демократијата.
„Со ова Џафери го прекрши Уставот, покажа недозволливо незнаење на правото и и плукна во лице на демократијата.Ова е веќе такво ниво на партиско самоволие кое задира во темелите на уставниот поредок и не смее да се толерира.Колку што се сеќавам уште не е променет членот 2 од Уставот според кој власта во државата им припаѓа на граѓаните кои меѓу другото можат да ја остваруваат и преку референдум.Добро бре дојдовме до тоа дереџе Апасиев да ви држи лекции и да има право (добро не во се ама во голем дел)?
Значи како што некој договор станал дел од внатрешното право може и да престане да биде дел од внатрешното право а граѓаните го имаат последниот збор.И да нема забуни: јас сум за европските вредности и развој на државата врз основа на овие вредности.Влезот во ЕУ треба да биде формалност за држава која ги практикува.Не прифаќање на европските вредности за да влеземе во ЕУ туку влез во ЕУ затоа што ги прифаќаме овие вредности“, стои на Фејсбук обајвата од професорката.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев која даде поддршка на иницијативата за рефередум на ВМРО ДПМНЕ, посочи дека претседателот на Собранието Талат Џафери не може сам, без претходно мислење од две собраниски комисии, да одлучи за уредноста на иницијативата. И не само тоа.
„Спикерот, доколку смета дека иницијативата е неуредна, прашањето го префрла на пленумот на на Собранието, поради тоа што само тоа има уставна и материјална надлежност да цени дали истата ќе продолжи или ќе запре“, напиша Апасиев на Фејсбук.
Тој смета дека со акт на самоволие, кога спикерот се става во положба на уставен судија, сторил кривично дело „Спречување на избори и гласање“ казниво по член 158 став 1 од Кривичниот законик, со запретена затворска казна од минимум три години.
Партијата на Апасиев вчера даде поддршка на референдумот на ВМРО-ДПМНЕ иако има забелешки.
-Иако опозициската иницијатива за задолжителен дополнителен референдум со кој би престанало важењето на контроверзниот Закон за ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија содржи несреќно формулирано референдумско прашање, сепак – во духот на семакедонското обединување и јакнење на фронтот против окупационата влада на СДС и ДУИ – Левица ќе даде парламентарна и теренска поддршка за спроведување на Референдумот!, соопштија од Левица.