Најчевска: Со одбивањето да се промени името, Глигоров дозволи да созреат националистичките сили на бранот на идејата за Александар Македонски како предок

Професорката и граѓанска активистка преку јавна објава ги набројува, како што вели, големите грешки на Глигоров додека беше шеф на државата

од Nikola Popovski
118 прегледи Мирјана Најчевска - Фото: Јутјуб/Принтскрин/Тера

Не престануваат реакциите во јавноста по декласифицираните аналитички документи на американските разузнавачки служби од 1992 година и фактот дека екс-претседателот Киро Глигоров одбил приватна понуда од грчки официјални претставници во износ од 100 милиони долари помош во замена за промена на името на државата. Професорката и граѓанска активистка, Мирјана Најчевска преку јавна објава ги набројува, како што вели, големите грешки на Глигоров додека беше шеф на државата.

„Прво, тоа што ја примени стратегијата на чекање, тогаш кога требаше да биде искористен моментот. Со тоа овозможи Македонија денес да стане заложник на Бугарија.

Второ, застана зад Бранко Црвенковски и ја поддржа криминалната приватизација и разграбување на општото добро.

Трето, дозволи неговото пуленче Фрчковски да изработи Устав кој се базира на етницитетите, наместо граѓански устав во кој наместо колективитетите во средиште ќе биде поставена индивидуата.

Четврто, со одбивањето да се промени името на државата дозволи да созреат националистичките сили и да добијат во сила на бранот на идејата за Александар Македонски како предок и континуитет на македонската држава од антиката до денес, а отфрлање на државниот развој во СФРЈ.

За државниците не важи синтагмата „за покојниот се најдобро“ (која според мене е глупава и за секој човек). Актите на државниците се анализираат, посебно низ призмата на последиците од тие акти кои луѓето ги живеат“, стои во објавата на Најчевска.

Во документите Глигоров е опишан како „мудар стар лисец“ и почитуван државник кој вешто менаџира со стратешките одлуки и деталите. Како предводник на кампањата за меѓународно признавање, тој изразил големо разочарување од одлуката на Европската заедница да ги поддржи приговорите на Грција за името.