Аргентинскиот играч од средниот ред Родриго Де Пол повеќе не е член на Атлетико Мадрид и ќе ја продолжи кариерата во Интер Мајами, потврди шпанскиот клуб.
На тој начин Де Пол ќе му се придружи на сонародникот и најдобар пријател Лионел Меси, со кого ја освои Копа Америка и Светското првенство во 2022 година.
„Родриго Де Пол се збогува со Атлетико Мадрид и ќе ја продолжи својата фудбалска приказна во Интер Мајами“, се вели во соопштението на Атлетико, а Интер исто така го потврди трансферот.
31-годишниот Де Пол помина четири сезони под водство на тренерот Диего Симеоне, играјќи речиси 200 натпревари, но не успеа да освои ниту еден трофеј со мадридскиот клуб во тој период. Тој ја започна својата кариера во 2012 година во аргентинскиот Расинг Клуб, а потоа играше за Валенсија во Ла Лига и за Удинезе во италијанската Серија А.
Тренер на Интер Мајами е поранешниот ас на Барселона, Хавиер Маскерано, а во клубот се и легендите на Барса, Луис Суарез, Жорди Алба и Серхио Бускетс, а во Интер сите тие го прават Меси да се чувствува како дома, што се докажува со доведувањето на Де Пол.