Угледниот француски „Л’Екип“ го состави најдобриот тим на фудбалери кои нема да играат на Европското првенство, или поради повреди или поради тоа што нивната репрезентација не избори место на шампионатот на Стариот континент. Одличен тим, кој секако би претставувал опасност за европскиот трон.
На голот е Јан Облак, шампион на Шпанија со Атлетико, кој не избори место со својата репрезентација на Словенија. Словенците се на 4-то место во групата Г, под селекциите на Полска, Австрија и Северна Македонија. Дефанзивците кои се во тимот дефинитивно немаа среќа. Александар Арнолд се повреди на пријателски натпревар против Австрија, Серхио Рамос не е доволно подготвен, исто како Ван Дајк, додека Тео Хернандез не успеа да се избори за место.
Сергеј Милинковиќ Савиќ, репрезентативец на Србија, е во средниот ред, а со него е и чудото на Рен, Едуардо Камивега, кој не беше на потесниот список на селекторот на Франција, Дидие Дешамп. Тука е и Марко Ројс, кој не сакаше да оди на Европско првенство бидејќи сезоната беше премногу тешка, а бидејќи е склон кон повреди, фудбалерот на Борусија не сакаше да ризикува.
„Л’Екип“ ја завршува средната линија со играчот на Лајпциг, Доминик Шобослај, кој нема да може да и помогне на Унгарија поради повреда.
Конечно, напаѓачкото дуо го сочинуваат Ерлинд Халанд и Златан Ибрахимовиќ. Норвешка не се пласираше на Европското првенство, додека Ибрахимовиќ беше повреден, па и покрај враќањето во националниот тим, тој нема да игра на Евро.