Италијанските фудбалски клубови од Серија А и Серија Б бараат отштета од милијарди евра од три медиумски агенции за наводни изгубени приходи од продажбата на ТВ правата за пренос на натпревари во странство помеѓу 2008 и 2018 година, според судски документ и други правни извори.
Спорот доаѓа по италијанската антимонополска пресуда од 2019 година, според која медиумските агенции IMG, MP & Silva и Be4 ги координирале нивните активности во наддавањето за ТВ права, со што практично се ограничува конкуренцијата. Предметната антимонополска пресуда поттикна речиси дваесетина клубови – вклучувајќи ги Милан, Фиорентина, Интер, Торино и самата Лига Серија А – да поднесат тужба до судот во Милано против трите медиумски агенции за кои станува збор. Серија А бара изгубена добивка од околу 1,8 милијарди евра.
И Франческо Англани – адвокат од адвокатската канцеларија BonelliErede, која застапува некои од тимовите – вклучувајќи ги Торино, Фиорентина и Рома – рече дека, збирно, индивидуалните побарувања на клубовите ја надминале сумата од 3 милијарди евра.
„За прв пат во Италија се поднесува тужба од толкава големина, која се однесува на антимонополската легислатива, како и за штети предизвикани од такви картелски дејствија“, најави адвокатот. Некои од клубовите кои во разгледуваниот период беа прволигаши или членови на втората лига, сега испаднаа во пониски лиги и многу сериозно би им помогнала финансиска отштета“, вели адвокатот.
Трите медиумски агенции за кои станува збор негираа каква било одговорност и рекоа дека приходите остварени од продажбата се во согласност со пазарните цени, се вели во документот.
Серија А собра околу 1 милијарда евра од продажбата на правото за пренос на натпреварите во странство за периодот од 2008 до 2018 година. Правата за емитување се главниот извор на приход за италијанските клубови, но се покажаа многу помалку профитабилни отколку за англиската Премиер лига и шпанската Ла Лига, особено од 2010 година.
„Имаме валидни аргументи против изнесените тврдења и ќе продолжиме енергично да се браниме“, изјави портпаролот на IMG за Ројтерс, додавајќи дека IMG не може дополнително да коментира за доверливо правно прашање како што е финансискиот однос.
Претставниците на MP & Silva, која престана со работа и е ликвидирана, не можеше да се контактира за коментар. Адвокатот на MP & Silva рече дека не е овластен да коментира. Адвокатите на Be4, кој исто така е во ликвидација, не одговорија на барањето за коментар, а со неговите претставници не можеше да се контактира телефонски.
Самата Лига Серија А исто така одби да даде официјална изјава, но го задржа правото да го стори тоа како што се развива случајот.