Доколку не ги направиме уставните измени дефинитивно ја испуштаме шансата за ЕУ. Очекувам на утрешната лидерска средба да бидат поставени сите прашања со уставните измени, да се разговара околу самиот текст и околу процесот како да се изведат тие најбрзо и наједноставно, со цел да ги продолжиме преговорите и да ја отстраниме евентуалната блокада, сподели вечерва вицепремиерот Бојан Маричиќ.
„Важно е опозицијата да ја сфати својата одговорност во носењето на овие одлуки. Има некое чувство кај дел од опозицијата дека не е битно кога ќе бидат измените и дека можат да се направат по три години и по четири години. Мислам дека тоа е едноставно губење на време, коешто не можеме да го вратиме и коешто може да предизвика уште десет години да останеме во чекалната.
Време е Мицкоски и сите други во ВМРО-ДПМНЕ да се соочат дека имаме шанса да донесеме одлука заедно, бидејќи со неа не го нарушуваме концептот на нашиот Устав, ниту на нашата држава, ниту го допира македонскиот идентитет.
Најдобро македонското национално единството ќе постигнеме доколку сите големи партии гласаат за уставните измени и го отворат пат кон ЕУ“, додаде тој.