Најголема заплена на кокаин во белгиската историја – 11,5 тони

од Vladimir Zorba
217 прегледи

Белгиското сојузно државно правобранителство во четвртокот објави дека во контејнер кој пристигнал од Гвајана е запленета „рекордна“ количина, 11,5 тони чист кокаин, како дел од разбивање на криминална организација.

Дрогата, запленета во пристаништето Антверпен и наменета за Холандија, е уништена. Нејзината пазарна вредност се проценува на околу 450 милиони евра, додаде обвинителството во соопштението. Дрогата е откриена како дел од белгиската судска истрага отворена кон крајот на 2019 година по заплената на 2,8 тони кокаин.

Истрагата овозможила разбивање на меѓународна криминална организација „добро организирана, која е осомничена дека редовно доставувала големи количини кокаин од Јужна Америка во Белгија“, се вели во соопштението на државното правобранителство.

На 1 октомври околу 30 лица биле уапсени во Белгија, Холандија и Шпанија по претрес на 70 станови и куќи. Меѓу нив, 22 се уште се во притвор и запленети се скоро 3 милиони евра.

Истрагата откри дека уште една пратка кокаин била на пат од Јужна Америка. Сомнителните контејнери биле пренесени со брод до белгиското пристаниште Зебриж, од каде со брод биле доставени до Антверпен.