Најголемата мистерија во Југославија: Исчезнаа 20.000 бебиња, родителите тврдат дека се продадени

од Vladimir Zorba
941 прегледи

Во словенечко Ново Место минатиот викенд се собра група од околу 70 родители кои со години тврдат дека нивните деца биле киднапирани при раѓањето во 1970-тите и 1980-тите, а потоа продадени во богатите земји. Официјалната верзија на приказната, се разбира, е различна во сите земји создадени по распадот на Југославија.

Вработени во болници им кажале на родителите дека децата починале по раѓањето, што се уште не дава одговор на прашањето зошто не смееле да ги погребаат.

Различни организации кои ги застапуваат родителите тврдат дека над 20.000 новороденчиња биле продадени на овој начин од територијата на поранешна Југославија во богатите западни земји, јавува словенечката јавна телевизија.

Токму овој факт – децата завршиле во богати семејства – уште повеќе им ја отежнува потрагата на родителите. Симона Шеремет Калањ, претставник на родителите кои го организираа митингот во Ново Место, го наведува примерот на мајката Драгана Наумовски, која откри каде живее нејзиното дете. Не сака комуникација бидејќи живее во богато семејство, што е уште поболно за оваа мајка.

„Двапати го изгуби своето дете“, објаснува Шеремет Калањ.

Таа додава дека најчестата верзија на приказната е дека детето починало, дека мајката не го видела, дека не смеела да го закопа и дека немаат комплетна документација, за што ги обвинуваат властите на Југославија, како и земјите создадени со нејзиното распаѓање.

Аница Брачко ја раскажа својата приказна пред камерите на словенечката телевизија, а се породи во 1986 година во породилиштето во Марибор.

„Персоналот од болницата дојде кај мене, ми рекоа дека бебето е премногу лесно и дека ќе го стават во инкубатор. Така ми го одзедоа бебето. Бебето плачеше кај мене. Родив девојче“, сведочеше таа.

Неа ѝ било кажано дека девојчето починало следниот ден. Не ја видела, не смеела да ја закопа. За смртта се сомнева бидејќи нема официјален документ за тоа. И покрај тоа добила покани да се вакцинира и да се запише во прво одделение.

„Самата побарав од општината, матичната служба да ми го избришат детето и да престане да ме замараат со тоа“, рече Брачко.

Како што вели, сè уште во себе чувствувала дека нејзиното девојче е сè уште живо, затоа сега ја бара. Дознала дека детето никаде не е закопано.

„Ми кажаа дека е погребана во Марибор, но нема број. Значи, знам дека сè уште сме на почетокот, но се уште имаме надеж дека ќе се разоткрие“, заклучува таа.

Слични содржини